Македонија
Османи пред Советот за безбедност на ОН: Постои закана и самиот мултилатерализам да стане жртва на руската агресија
Во својство на претседавач со ОБСЕ, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска, се обрати пред Советот за безбедност на Обединетите нации, а во рамките на 78. Генерално собрание на ОН, кое оваа недела се одржува во Њујорк.
Османи на почетокот на своето обраќање се заблагодари на албанското претседателство со Советот за безбедност за септември истакнувајќи дека комбинираното присуство на Северна Македонија и Албанија во ОН, кога се одбележуваат 30 години од соработката помеѓу ОН и ОБСЕ, е силен знак на посветеност и одговорност од две балкански држави, соседи и партнери, кои претседаваат со двете клучни мултилатерални платформи.
Зборувајќи за актуелните безбедносни предизвици, Османи повторно се осврна на агресивната војна на Руската Федерација против Украина истакнувајќи дека заедничката потрага по мир зависи од нашиот колективен ангажман.

„Војната претставува најголемо прекршување и оспорување на меѓународните правила и обврски, кои беа напишани и потпишани од истата Русија, која сега со презир ги гази. Таа ги уништува не само животите и средствата за живот во Украина, домовите и надежите на луѓето, туку и надвор од тоа – влијае и на животите на луѓето многу подалеку од Русија“, рече Османи.
Тој истакна и дека во рамките на ОБСЕ, регионална организација со која претседава во овој клучен момент од нејзината историја, се чувствува влијанието од војната, пред сè, врз луѓето, но и врз политиката меѓу регионите и врз институциите што се создадени како платформа за дијалог и одржување на мирот, а не се користат така.
„Постои закана и самиот мултилатерализам да стане жртва на оваа агресија, меѓународните форуми како овој да се заменуваат со бојното поле, а аргументите со брутална сила, без придобивка за никого. Па, објаснете ми: кој добива од оваа војна?“, праша во своето обраќање Османи.
Како претседавач со ОБСЕ, тој истакна и дека организацијата постојано ја дава својата поддршка преку програмата за поддршка во разни области, која веќе е на терен и која вклучува хуманитарно деминирање, промоција на владеењето на правото и ублажување на последователните еколошки и економски влијанија.

Тој најави и дека планира втора посета на Украина како претседавач со ОБСЕ по првата, која ја реализира во јануари, со цел директно да ги слушне потребите, надежите и стравовите на луѓето на терен, а поддржувајќи го мотото на претседавањето „За луѓето се работи“.
Своето обраќање пред Советот за безбедност на ОН, Османи го заврши со силни пораки за мултилатерализмот нарекувајќи го „процес што бара и заслужува секојдневна посветеност и зачувување“.
„Никој, ниту во наше време ниту пред нас, сè уште не смислил подобра идеја или пракса од мултилатерализмот. На крајот, војните ги прават луѓето и ги завршуваат луѓето. А луѓето им се враќаат на дипломатската маса, на дијалогот, платформите и на сеопфатните концепти за безбедност. Токму онакви какви што нудат ОБСЕ и ОН“, рече Османи.
Надоврзувајќи се на темелите на нашите организации, како што рече Османи, и работејќи заедно, бескомпромисни на договорените принципи, „мораме да направиме сè за да продолжиме со нашите заеднички напори за мир, стабилност и безбедност“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајна несреќа на патот Кочани – Штип, сообраќајот во прекин
Од 20:30 часот сообраќајот на магистралниот пат А-3 Кочани – Штип (с.Долни Подлог – с.Тркање) е во прекин, поради сообраќајна незгода.
Сообраќајот се пренасочува преку с.Тркање кон екпресен пат Кочани – Штип, соопшти АМСМ.
Македонија
Ѓорѓиевски: Доста беше мрак, време е повторно да покажеме дека Скопје знае да слави
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, со покана до скопјани и гостите на главниот град за како што вели, незаборавен дочек на Новата 2026 година на плоштадот „Македонија“.
По подолг период, Скопје повторно ќе пулсира во знакот на радоста и врвната музичка забава, со богата програма што ги обединува сите генерации и ја враќа празничната магија во срцето на градот, истакнуваат од Град Скопје.
„Скопје, дали сме подготвени за најдобрата забава?
Со голема чест и искрена радост, ве поканувам на плоштадот „Македонија“ на незаборавен дочек на Новата 2026 година, ноќ која повторно ќе го сплоти градот.
Програмата започнува во 19:45 часот со моќниот вокал на Миле Кузмановски, а продолжува со Огнен Здравковски.
Следуваат Дина Јашари, легендарните Куку Леле и неповторливата Тамара Тодевска.
Кулминацијата ја носат милениците на младата публика Пајак, Лара и Два Бона, додека магичниот момент на пречекот на Новата година ќе го одбележи настапот на Каролина Гочева.
Почитувани скопјани, доста беше мрак.
Време е за заедништво и за радост.
Време е повторно да покажеме дека Скопје знае да слави, знае да обединува и знае да биде лидер во културните настани.
Со домашни изведувачи, љубени од публиката, создадовме програма што ги поврзува сите генерации.
Ова е наш подарок за градот убав – за повторно да живее, да пулсира и да сонува.
Ве поканувам сите, драги скопјани, да ни се придружите и заедно да ја пречекаме 2026 година со насмевки, музика и незаборавни мигови.
Сите сте добредојдени да бидете дел од оваа новогодишна приказна, исполнета со позитивна енергија и врвна забава.
Се гледаме“, напиша на социјалните мрежи скопскиот градоначалник.
Македонија
Во прекин сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица), поради сообраќајна несреќа во прекин и сообраќајот кон ГП Ќафасан
Поради протест на грчките земјоделците, од 17:10 часот сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица) е во прекин.
Поради сообраќајна незгода сообраќајот кон ГП Ќафасан е во прекин во двата правци, соопшти АМСМ.
На 30.12.2025 (вторник), од 15:00 часот, ќе има измена на режимот на сообраќајот на Коридор 10, на делницата Прилеп–Битола, при што сообраќајот ќе биде пренасочен по регионалниот пат Р1101, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

