Македонија
Османи го претстави планот од девет точки за деескалација на состојбата во Косово
Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, денеска во Скопје оствари средба со шефовите на Мисиите на ОБСЕ во Србија, Косово и во Скопје, амбасадорите Јан Брату, Мајкл Девенпорт и Килиан Вал.
Состојбата на северот на Косово и односите помеѓу Белград и Приштина беа во фокусот на средбата. Османи пред амбасадорите на ОБСЕ го презентираше планот од 9 точки кој треба да помогне за деескалација на состојбата и да придонесе за постигнување траен мир и стабилност, како и за враќање на косовските Срби во институциите и во демократските процеси.
„Охрабрувачки е да се слушнат нивните мислења за потенцијалните перспективи на планот за деескалација на ситуацијата што како Претседавач со ОБСЕ го претставив. Понудениот патоказ поттикнува атмосфера на дијалог и соработка“, рече Османи на средбата.
Како прв чекор, планот предвидува Косово и Србија да ја реафирмираат посветеноста кон основниот договор и Охридскиот протокол. Втората, третата и четвртата точка, како што објасни Османи, се активности што упатуваат на смирување на тензиите на терен.
Тоа подразбира Косово да ги повлече специјалните сили, Србија да ја намали борбената готовност. На полицијата на Косово, заедно со КФОР и ЕУЛЕКС да им се овозможи во целост да се грижат за редот и безбедноста на државата. Протестите да се откажат и да се стават во функција општинските функции и услуги, за нормално функционирање на општествениот живот, и воедно им се дозволува пристап на вработените во општините.
Во следните две точки се предвидува расчистување со политичката криза предизвикана од локалните избори. Тоа значи, ова лето избраните градоначалници во спорните општини да поднесат оставки, отворајќи го патот за предвремени општински избори. Предвремените избори, соодветно на условите, да се одржат оваа година и во нив да учествуваат сите политички субјекти.
ОБСЕ ќе го поддржи изборниот процес, преку техничка поддршка на косовските власти кои ќе ги организираат изборите, зајакнувајќи ја со тоа довербата меѓу заедниците, рече Османи.
Покрај тоа, Османи пред шефовите на Мисиите на ОБСЕ во Србија, Косово и Скопје ги претстави и приоритетите на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ фокусирани на Југоисточна Европа. Овие приоритети се насочени кон зајакнување на довербата, борбата против корупцијата и климатска акција.
„Од особено значење е помирувањето како клучен приоритет чекор напред кон постигнување траен мир и соработка во регионот“, рече Османи.
Во насока на приоритетите на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, Османи и амбасадорите разговарале и за претстојната Конференција за антикорупција во Југоисточна Европа што ќе се одржува во земјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсен врховен судија поради сомненија за примање поткуп
Врховниот судија Наке Георгиев е уапсен поради сомнеж за примање поткуп.
„Денеска 20 мај, лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради сомневања за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, велат од МВР.
Засега не е позната локацијата каде што е приведен судијата, ниту пак, за колкава сума станува збор.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.
Македонија
Сиљановска Давкова се сретна со украинската амбасадорка Дир
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
На средбата, беше изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност.
Двете соговорнички разменија мислења и за стратешките определби и перспективите на двете земји, истакнувајќи ја потребата од натамошна заемна помош, споделување искуства и експертиза. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.
Амбасадорката Дир, упатувајќи честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова ѝ посака успешно извршување на функцијата.