Македонија
Османи призна дека направил грешка за поддршка на старата структура
Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, вечерва на собирот во Чаир упати порака до граѓаните, нагласувајќи дека по две децении неправда, корупција и злоупотреби дојде време општината конечно да се ослободи од кликата која го држеше Чаир во заложништво.
„Чаир дваесет години го држеа во заложништво група луѓе што им ги украдоа соништата на своите жителите, ја злоупотребија нашата доверба и профитираа од вашето разочарување и чувството дека можеби не може подобро. Но, од денес кажуваме крај, и на разочарувањето, и на стравот и ја започнуваме промената на Чаир“, изјави Османи.
Тој истакна дека овие избори не се обични, туку пресудни и претставуваат борба помеѓу народот и група луѓе кои две децении го уништувале општествениот, економскиот и урбаниот живот на Чаир.
„Ова е борба помеѓу граѓаните на Чаир од едната страна и една клика, група луѓе што владееле и го ограбувале Чаир дваесет години. И сакам да кажам дека народот ќе победи, ние ќе победиме, затоа што самите го слушаме тоа, на секоја улица и во секој агол на Чаир. Очекувањата на луѓето што бараат промена, повиците за ослободување, гласовите што бараат да се скинат синџирите на корупцијата, хаосот и узурпацијата“, порача Османи.
Тој зборуваше и за одговорноста на сите што во минатото ја поддржувале старата структура, вклучително и тој самиот, и нагласи дека денес со храброст ја признава грешката.
„Свесен сум дека некои од вас ја изгубиле довербата во политиката. Велат: ‘вие ни ги донесовте тие, сите сте исти’. И ако имам некоја слабост, ако имам чувство на совест, одговорност и вина во оваа изборна кампања, тоа е што им верувавме и ја баравме вашата доверба за нив. И имам храброст тоа да го признам како грешка“, рече Османи.
Тој нагласи дека вистинската разлика помеѓу него и неговиот противкандидат, Изет Меџити од ВЛЕН, е во тоа што тој и неговото семејство живеат во Чаир, заедно со сите негови жители, делат исти проблеми и ја чувствуваат истата борба.
„Јас живеам овде, моите деца живеат овде, ги делам тешкотиите заедно со вас. А тој што го уништи Чаир дваесет години, избега од Чаир. Избега и ни остави само ѓубре, корупција и дивоградби“, истакна Османи, испраќајќи силна порака за почеток на ново време за општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

