Македонија
Османи: Пријатели од целиот свет несебично ни помагаат да се справиме со Ковид-19
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, на прес-конференција направи пресек на досегашната распределбата на странската помош наменета за нашата земја за полесно справување со Ковид-19.
„Со големо задоволство сакам да потврдам дека од страна на Норвешка е потврдено пристигнување на ветените 20 респиратори на 15 мај, што е одлична вест затоа што кризата најмногу ја отежни набавката на овие машини, кои значително придонесуваат во формирањето на севкупниот капацитет на здравствениот систем во справувањето со Ковид-19, 10 респираторни машини преку УНДП се веќе пристигнати, а по истата линија се очекуваат уште 10 вакви машини до средината на овој месец и уште 30 до крајот на месецот. Ако на тоа се додадат и 20 респиратори, кои се очекуваат од ЕУ, вкупната бројка на дополнителни респиратори се искачува на 90. Сето ова ќе придонесе за зајакнување на потенцијалот и капацитетот на здравствениот систем не само за сегашниот предизвик со Ковид-19 туку и за понатаму за задоволување на редовните потреби“, истакна Османи.
Тој изрази благодарност до сите донатори за нивната помош и поддршка во ова исклучително тешко време за сите.
Османи посочи на помошта од САД во висина од 1,1 милион долари, на помошта од Норвешка во висина од 700 илјади евра, на помошта од Чешка во износ од еден милион маски, на помошта од Словенија во висина 110 илјади евра, на помошта од Германија во износ од 40 илјади евра, на помошта од Унгарија во износ од 100 илјади заштитни маски и 5 илјади заштитни костими, на помошта од Кина, која обезбеди над пет илјади теста, кои пристигнаа заедно со многубројна заштитна опрема – над 10 илјади заштитни костими, 10 илјади чифта ракавици, 10 илјади очила, над 20 илјади маски, на помошта од Турција, која донира над 50 илјади заштитни маски, илјада заштитни костими, но и илјада теста, како и на помошта што пристигна од агенциите на Обединетите нации, како УНИЦЕФ, УНДП, УНОПС, кои не само што обезбедија поддршка во вид на донации туку и целосно се ставени на располагање на поголемите донатори за имплементација на нивните донации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

