Македонија
Османи: Протоколот за НАТО на следната пленарна седница на италијанскиот Сенат
Во рамките на работната посета на Италија, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со Претседателот на Комитетот за односи со земјите од Западен Балкан во италијанскиот Сенат, Лучијано Далфонсо.
Како што информираат од владината прес-служба, на средбата Османи од Далфонсо добил уверување дека протоколот за НАТО ќе се најде на следната пленарна седница на Сенатот, која се очекува следната недела, со што Република Северна Македонија и формално ќе добие зелено светло од Италија за приклучување кон евроатланската алијанса.
„Брзата ратификација на протоколот ќе претставува значаен импулс за севкупните интегративни процеси во земјава, но и дополнителна шанса да ја достигнеме амбицијата за заокружување на овој процес во рамките на Лондонскиот самит на почетокот од декември“, истакнал Османи, посочувајќи на значењето на овие процеси не само за земјата, туку и за целиот регион.
Во рамките на посетата на Италија, Османи ќе оствари средба и со Министерот за европски прашања на Република Италија, Винченцо Амендола, каде ќе стане збор за европските перспективи на земјава, и поддршката од Република Италија во пресрет на одлуката за почеток на преговорите на Самитот на ЕУ наредната недела.
Посетата на Италија преставува дел од европската турнеја на вицепремиерот Османи, за посета на европските метрополи, а во пресрет на состанокот на Советот на ЕУ наредната недела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

