Македонија
Османи сака да го врати Груевски за да го загрози македонскиот идентитет, велат од Демократскиот сојуз
„Во Македонија, како и во други држави, има голем број лица што располагаат со сензитивни информации, чие обелоденување може да има одраз врз безбедноста, одбранбената моќ, внатрешната стабилност, економската состојба итн.“, велат од Демократскиот сојуз.
„Заради собирање информации од безбедносен, политички или економски карактер, сите држави формираат разурнувачки служби при што ги користат информациите од отворен карактер, но развиваат и разузнавачка мрежа, користат системи за прислушкување, набљудување, сателити и други методи и средства.
Во пракса, некој што ја изгубил позицијата во принцип е под „удар“ на новинарите, за да извлечат и објават информации. Тоа го прават и оперативците на странските служби, се обидуваат да воспостават комуникација, да му понудат погодности, но и да „извлечат“ информации од него. Посебно се погодни за соработка лицата кои се во бегство, особено ако го немаат регулирано престојот, ако немаат средства за егзистенција, ако се обидуваат да избегаат од правдата поради криминал итн.
Натамошниот престој на Никола Груевски во Унгарија, наспроти изјавата на Бујар Османи, не може да се подведе под можни безбедносни ризици и тоа да биде основа за негово враќање во Македонија и заштита на нашите национални интереси. Со политички азил за слободен престој и после 5 години живеење во Унгарија, сега да ја штитите државата од Груевски е апсолутно неприфатливо и не е здраво за државата. Тоа може да се разбере единствено како алиби за можните следни чекори на ДУИ и СДСМ и скриени намери за негова амнестија заради партиско политички цели“, соопшти Демократскиот сојуз.
„Инаку, има и други „бегства“ од Македонија, меѓу кои и она на двајца припадници на контраразузнавањето, кои и натаму се во Грција, а располагаат со класифицирани информации од висок степен, но Османи не е заинтересиран за нив ниту, пак, за други бегалци од правдата. Во суштина, Османи му прави лоша услуга на Груевски со тоа што наводно преку неговото враќање ќе ги заштити интересите на Македонија.
За да продава информации на странските служби, мала улога игра тоа дали некој е овде, во Македонија или е во странство. Тоа пред сѐ зависи од цврстината на неговиот карактер и лојалноста кон својот народ и држава.
Со оваа изјава на Османи се отвораат други прашања, вклучително и тоа дали има некој од државниот и политичкиот врв, кој со своите активности ја загрозува националната безбедност на Македонија и работи на рушење на темелите на државата преку распродавање на македонскиот национален идентитет и историја“, се додава во соопштението на Демократскиот сојуз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Чаир и Студеничани денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.30 до 15.00 часот, дел од улицата Никола Тримпаре 15 и дел од улицата Мирослав Крлежа бр.16-20 и дел од локали и влезови на згради на булеварот Климент Охридски бр,54, општина Центар;
– во периодот од 09.30 до 15.30 дел од улицата Мирослав Крлежа по старо Ѓуро Ѓакович бр.52.54.56.58.60.62, општина Центар;
– во периодот од 08.00 до 14.30 корисниците од Ретаил Поинт Парк во Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците на дел од село Студеничани кај Бурдем, општина Студеничани.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

