Македонија
Османи: Северна Македонија од идната година претседава со Процесот за соработка на Југоисточна Европа
Министерот за надворешни работи Бујар Османи во Солун, Грција учествува на Состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).
Министерскиот состанок за надворешни работи се одржа во рамките на завршните состаноци на грчкото претседавањето со ПСЈИЕ под мотото „Зајакнување на синергиите на Југоисточна Европа“. Во фокусот на разговорите беше регионалната соработка во светло на растечката нестабилност и негативните влијанија од Руската агресија врз Украина. Истовремено беа разменети мислења за Европската перспектива на регионот, важноста да се приоретизира енергетската безбедност, напорите за интензивирање на соработката за справување со безбедносните прашања, како и унапредувањето на зелениот договор и адресирањето на климатските промени.
Заблагодарувајќи се за успешното претседавање на Грција во вонредните околности како и за поддршката на европската интеграција на земјите од ПСЈИЕ кои се уште не се земји членки на ЕУ, Османи се осврна на важноста од суштинското унапредување на регионалната соработка во момент кога целата меѓународна заедница се соочува со предизвиците на покачените цени на енергенсите и основните продукти и сировини како последица од војната во Украина. Порача дека сите форми на регионално организирање кои имаат за цел намалување на бирократските бариери и градење на заеднички регионален пазар треба да се третираат со потребната итност и целосен ангажман на Владите. Во таа насока ги потенцираше проектите за унапредување на инфраструктурата, за обезбедување на енергетска диверзификација и исполнување на целите на зелената агенда за Западен Балкан. Посочи на исклучително позитивниот ефект од укинување на роаминг тарифите помеѓу земјите од регионот и напорите истите да се укинат и во однос на земјите членки на ЕУ како и на воспоставувањето на т.н. Зелени ленти за превозниците со најава за нивно проширување и кон земјите членки на ЕУ, започнувајќи со границата помеѓу Северна Македонија и Грција, како примери на добри пракси за натамошно делување.
По однос на европската перспектива на регионот министерот Османи изјави дека “нема поважна, поефективна и покатализирачка одлука за зајакнување на стабилноста и поривот за реформи и ЕУ ентузијазмот во регионот на ЈИЕ од онаа да се отворат пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, без понатамошно одлагање и изговори, за што моментот е созреан“.
На состанокот беше усвоена и декларација, според која Северна Македонија го презема претседавањето со ПСЈИЕ за периодот јуни 2023- јуни 2024, по завршувањето на следното претседателство на Црна Гора и како дел од Тројката заедно со Грција. Претседавањето со оваа регионална организација се случува паралелно со претседавањето со ОБСЕ од 1 јануари 2023 година. Со ова, Република Северна Македонија се етаблира како актер кој има дипломатски капацитети да претседава со важни регионални и меѓународни форуми и организации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

