Македонија
Османи: Со заемна соработка да се спротивставиме на современите предизвици
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач и шеф на државната делегација за преговори со ЕУ, Бујар Османи, заедно со својот заменик и главен технички преговарач, Бојан Маричиќ, денеска престојуваат во работна посета на Тирана, Република Албанија, во рамките на која, заедно со министрите и вицепремиерите за европска интеграција на земјите од регионот учествуваа на третата Конференција за пристапни реформи во земјите од Западен Балкан.
Во рамките на конференција беше потпишана заедничка декларација со која земјите од Западен Балкан, потпирајќи се на посветеноста на Европската Унија на политиката на проширување, држејќи ја оваа тема високо на својата агенда, ги реафирмираа своите заложби за унапредување на добрососедските односи, ја реафирмираа својата посветеност кон регионалната соработка преку заемната поддршка и размена на најдобри практики во однос на сите аспекти од претпристапниот процес, како и сите други заложби во насока на европската перспектива на целиот Западен Балкан.
На панелот посветен на комуникацијата на ЕУ во јавноста за време на конференцијата учесниците дебатираа за успесите, предизвиците и потенцијалите за унапредување на комуникацијата на европските вредности во рамките на земјите од Западниот Балкан.
Како главни закани беа посочени лажните вести, чија пенетрацијата ја загрозува објективната реалност и вистината, што, пак, создава почва за пенетрацијата на радикални политички понуди. Во овој контекст беше истакнато дека е потребно да се унапреди соработката и комуникацијата меѓу земјите од Западниот Балкан, со цел заемно помагање во справувањето со овие предизвици.
На денешната трета по ред Конференција за пристапни реформи во земјите од Западен Балкан (WBAR) во Тирана, поддржана од страна на австриското претседателство со Советот на ЕУ ѝ претходеа првата одржана во Скопје во 2015 година и втората одржана во Подгорица во 2017 година.
Во рамки на својата работна посета на Тирана, вицепремиерот Османи оствари билатерални средби со сојузната министерка за Европа, интеграции и надворешни работи на Австрија, Карин Кнајсл, министерот за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Дитмир Бушати, и министерката за европска интеграција на Република Косово, Дурата Хоџа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кривична пријава против поранешен директор на „Водовод“ – Кочани за местење тендер од 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против A.К.(44), поранешен директор на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ – Кочани, З.Г.(53), вработен во претпријатието, Б.А.(64), исто така, вработен во претпријатието и против З.Ј.(55) поранешен вработен во јавното претпријатие, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Второпријавениот, како претседател на Комисија за спроведување на јавна набавка, и трето и четвртопријавените, како членови на Комисија за спроведување на јавна набавка, во текот на 2021 година постапиле спротивно на одредбите на Законот за јавни набавки и спровеле постапка за јавна набавка на стоки – средство за превентивна санација од пожари на Градската депонија, при што составиле и усвоиле тендерска документација која содржела спецификација за продукти кои не постоеле на пазарот со цел да ја ограничат конкуренцијата меѓу економските оператори и фаворизирање на правно лице од село во општина Могила.
Првопријавениот, иако бил должен да увиди дека постапката не е спроведена согласно Законот за јавни набавки, донел Одлука за избор на најповолен понудувач и во име на КЈП „Водовод“ Кочани склучил договор со што му овозможиле на операторот да се стекне со противправна имотна корист од 1.406.306 денари.
Македонија
Уапсени 15 возачи кои возеле без возачка и пијани
Вчера полицијата приведе 15 возачи поради возење без возачка, со активна забрана за управување, возење под дејство на алкохол и нерегистрирани возила, а една од нив е малолетничка, соопшти МВР.
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода 15 возачи, од кои двајца во Тетово и по еден во кочанско, Куманово, Гостивар, струмичко, Струмица, Неготино и Кавадарци затоа што управувале возило без возачка дозвола.
Возачот во Гостивар и малолетничката во Кавадарци претходно учествувале и во сообраќајни незгоди.
По еден возач во Струга и Велес управувале возила иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија, додека еден возач во Богданци управувал нерегистрирано возило.
Исто така, еден возач во Крива Паланка управувал возило под дејство на алкохол и без возачка дозвола, еден возач во Куманово управувал нерегистрирано возило без возачка дозвола и еден возач во Македонски Брод управувал возило под дејство на алкохол и со активна забрана за управување возило од Б категорија.
Лицата се приведени во полициска станица, а по насоки на јавен обвинител возилата се одземени и по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување односно доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Се воведува истражувачко новинарство во наставата по Граѓанско образование за 8. и 9 одделение
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, присуствуваше на промоцијата на новиот курикулум за истражувачко новинарство по предметот Граѓанско образование, во Собранието на Македонија. На настанот присуствуваа претседателот на Собранието Африм Гаши, амбасадорот на Швајцарската Конфедерација во Македонија Кристофер Зомер, претставници на Парламентарниот институт, Националниот демократски институт (НДИ), наставници и ученици.
Модулот за истражувачко новинарство е вид на практична школа за демократија. Во улога на истражувачки новинари, учениците ќе обработуваат теми од заедницата, ќе поставуваат прашања и ќе бараат одговори, ќе работат во тимови и ќе пишуваат новинарски текстови.
Министерката Јаневска нагласи дека демократијата е темелна вредност на нашето општество, а преку образованието можеме да придонесеме за натамошно јакнење на демократските процеси.
„Неодамна добивме признание од Советот на Европа дека Македонија е зрело демократско општество, во кое владее правото. Тоа е голема чест за нашата држава и за Владата, што во основа покажува дека демократските принципи се вградени во институциите на системот и дека демократијата ја практикуваме, а не е само декларативна. Треба да продолжиме во таа насока“, рече Јаневска.
Таа додаде дека низ воспитно – образовниот процес треба да подготвуваме нови генерации кои ги знаат, почитуваат и применуваат демократските принципи на еднаквост, слобода на говор и учество во носење одлуки.
Јаневска упати благодарност до швајцарската Програма за парламентарна поддршка и Парламентарниот институт на Собранието за подготовката на модулот, кој веќе е одобрен од Бирото за развој на образованието како изборен за 8-мо и 9-то одделение и е достапен на училиштата.

