Македонија
Османи: Франкофонијата е додадена вредност во мултикултурниот мозаик на земјава

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денес имаше видео обраќање на 37-та Министерската конференција на Франкофонијата, на која што ја изрази својата целосна поддршка за трансформација на Франкофонијата, насочена кон поефикасно функционирање, засновано врз транспарентност, агилност и строгост.
„Ја потврдувам нашата цврста осуда за терористичките акти и насилниот екстремизам, без оглед на мотивите и изразувам целосна солидарност со земјите-членки и Владите на Франкофонијата, кои беа погодени од овие варварски акти“, истакна Османи, додавајќи дека кризата на Ковид-19 ги истакна тешкотиите во спроведувањето на образованиот систем со што се открива итна потреба за донесување на решение за намалување на дигиталниот јаз.
Османи истакна дека Франкофонијата е додадена вредност во мултикултурниот мозаик на Република Северна Македонија.
„Културното влијание на францускиот јазик има долга традиција која континуирано се ажурира, со активности во рамките на Франкофонијата, а покрај тоа, ја потврдувам важноста на придонесот на Франкофонијата за унапредување на правата на жените и суштинската улога што ја имаат во политичкиот, економскиот, културниот и социјалниот живот на сите држави и Влади во организацијата, кои беа тешко погодени од кризата“, нагласи Османи, посочувајќи дека Северна Македонија ја потврдува заложбата за промовирање на францускиот јазик и повеќејазичност во контекст на оваа криза. Република Северна Македонија го поздравува основањето на Франкофонска алијанса за образование во корист на францускиот јазик во рамките на меѓународните организации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Општина Центар: Дератизацијата не е опасност за кучињата и мачките, да не се шират дезинформации

Општина Центар ги отфрла шпекулациите дека дератизацијата претставува опасност за животните.
„Ве информираме дека дератизацијата се спроведува редовно и исклучиво од стручни лица од Центарот за јавно здравје, со употреба на методи и средства кои се безбедни и не претставуваат закана за кучињата, мачките и другите домашни миленици. Апелираме до граѓаните да не подлегнуваат на непроверени и неточни информации кои во јавноста се пласираат од одредени неквалификувани и нелиценцирани лица или организации. Ваквите дезинформации неосновано предизвикуваат страв и паника кај граѓаните и непотребно ја вознемируваат јавноста“, велат од Општината.
Македонија
СДСМ: Мицкоски пак манипулира, со инфлација од 4,8%, реалниот раст на БДП е -1,4%

Со инфлација од 4,8% повисока од растот на БДП, реалната економија оди надолу од -1.4%, а граѓаните тонат во сиромаштија, велат од СДСМ.
„Македонија е далеку од 4-та економија во Европа како што сака Мицкоски да прикаже. Неговите фалби немаат врска со реалноста. Граѓаните не живеат од статистички бројки туку од сопствениот џеб. А таму реалноста е сурова: повисоки цени, пониски приходи и намален квалитет на живот. Македонскиот БДП по жител, според куповната моќ, е само 42% од просекот на ЕУ, повисок просек од нашите граѓани има дури и земјите во регионот, Србија со 51%, Црна Гора со 53%“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ велат дека странските инвестиции се преполовени на 221 милиони евра, од 573 милиони евра минатата година.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Хидробиолошкиот завод е првата линија на одбрана во борбата против климатските промени

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на свечената академија по повод 90-годишнината од основањето на Хидробиолошкиот завод – Охрид, најстарата македонска научно-истражувачка институција, формирана во 1935 година од академикот Синиша Станковиќ.
Таа ја истакна незаменливата улога на Заводот во проучувањето, заштитата и афирмацијата на Охридското Езеро, како и во зачувувањето на биолошката разновидност на Преспанското и Дојранското Езеро.
За неа, Хидробиолошкиот завод е жив сведок на човечката упорност и стремеж да се проникне во тајните на природата, обезбедувајќи генерациска мисија за зачувување на езерските екосистеми и истовремено создавајќи научна мисла со меѓународен углед.
Според неа, наш императив мора да биде да го сочуваме и да го одржуваме овој непроценлив животен ресурс. Нашите водени бисери: Охридското Езеро, Преспанското Езеро и Дојранското Езеро, се наше и светско наследство.
Таа укажа на неопходноста од зголемување на поддршката за Заводот, преку дополнителни инвестиции во опрема и кадровско доекипирање, бидејќи човечките ресурси се најсилниот капитал на институцијата.
Претседателката упати честитки до генерациите научници и вработени во Хидробиолошкиот завод за нивната пожртвуваност и посветеност, истакнувајќи дека нивната работа претставува најдобар пример за хармонија меѓу човекот и природата.
„Посакувам пастрмката да опстане во Охридското Езеро, Преспа да продолжи да биде дом на ретките птици, Дојран да го сочува рибарскиот дух, а вашиот Хидробиолошки завод да слави и по следните 90 години,“ порача претседателката.