Македонија
Османи – Хависто: Членството на Финска во НАТО ја зајакнува алијансата
Историски момент за алијансата и вистински пат за наша заедничка поголема безбедност и сигурност. Членството на Финска во НАТО е важен чекор што ќе ги зајакне единството и одбранбените способности на алијансата. Ова го истакна претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, на средбата со финскиот министер за надворешни работи, Пека Хависто, на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел, на кој Финска и официјално стана 31.земја членка на алијансата.
Османи упати честитка до Финска за нејзиното членство во НАТО оценувајќи го како значаен влог за целокупната трансатлантска стабилност.
„Северна Македонија три години ја уживаше привилегијата на статусот најмладата членка на НАТО. Сметам дека статусот на Финска како најмлада членка ќе трае многу пократко од нашиот. Очекувам да ѝ посакаме добредојде на Шведска во НАТО пред самитот во Вилнус“, рече Османи.
Покрај НАТО, во фокус на средбата со Хависто беа и приоритетните прашања од работата на ОБСЕ за време на претседавањето на Северна Македонија со Организацијата во 2023 година.
На средбата беше истакнато дека во оваа многу критична геополитичка ситуација и во овие времиња на големи предизвици ОБСЕ е и треба да остане една од најзначајните меѓународни платформи за дијалог.
„Северна Македонија ја цени улогата и учеството на Финска во ОБСЕ-тројката, како и соработката што се остварува на сите нивоа за функционирањето на ОБСЕ“, истакна Османи на средбата.
За да се продлабочи соработката, потребно е повторно да воспоставиме целосно почитување на заеднички прифатените заложби и принципи од Хелсиншкиот финален акт и Париската повелба, и тоа од секоја земја учесничка.
„Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ тоа го застапува во секоја ситуација како детерминиран и потврден поддржувач на одржување меѓународен поредок заснован на правила“, потенцира Османи.
На маргините на министерскиот состанок на НАТО, Османи оствари билатерални средби и со министрите за надворешни работи на Естонија и Романија, Урмас Реинсалу и Богдан Ауреску, како и со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради сообраќајка во прекин сообраќајот на патот Битола-Државна граница со Грција
Во 20:00 часот на крак А-3 Битола – Државна Граница со Р.Грција во близина на крстосница за с.Бистрица и с.Оптичари, случена е сообраќајна незгода, поради што сообраќајот на патниот правец Битола – Држ. граница е во прекин и истиот ќе се пренасочи низ.с.Бистрица и с.Породин соопшти АМСМ.
Македонија
Сиљановска-Давкова со Ахмет бин Мохамед Ал Џарван: мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ахмет бин Мохамед Ал Џарван, претседател на „Глобалниот совет за толеранција и мир“, во придружба на неговите соработници.
Информирајќи дека семејството на пријателите на „Глобалниот совет“ постојано се проширува, Ал Џарван потенцираше дека стотина парламенти, ширум светот, потпишале меморандуми за соработка со оваа препознатлива и почитувана институција.
Тој, во парламентарната демократија и во меѓукултурниот дијалог препознава мировни механизми за промоција и гаранција на мирот и толеранцијата на сите нивоа и во сите средини.
Претседателката ја поздрави хуманата мисија на Глобалниот совет, истакнувајќи дека е добредојдена и делотворна во амбиент на сериозни безбедносни закани.
За неа, Меморандумот за соработка, којшто деновиве го потпиша Глобалниот совет со македонското собрание е чекор напред во одбраната и поттикнувањето на хуманите цели на човештвото, без оглед на разликите по било кој основ.
Таа особено се радува на потпишаниот договор за стипендии на студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“, нејзината матична институција, како охрабрувачки за најдобрите студенти, но и оние со лоша материјална положба и неопходна потреба од финансиска помош.
За соговорниците, мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија, развој и просперитет во национални, регионални и меѓународни рамки.
Македонија
(Видео) Во Ресенско поплавени над 50 куќи, магацински простори и земјоделско земјиште, состојбата се следи во сите засегнати региони, соопшти ЦУК
Поради обилните врнежи, на подрачјето на Општина Ресен дошло до излевање на Болнска и Источка река во селата Царев Двор и Дрмени, при што се поплавени над 50 куќи, магацински простори, визби и земјоделско земјиште, соопшти Центарот за управување со кризи.
„Поплави се евидентирани и кај с. Долна Бела Црква од излевањето на Голема Река, чиј моментален водостој изнесува 210 см.
Ангажирани се екипи на јавните претпријатија, „Македонија пат“, ЈКП „Пролетер“, како и приватни машини – вкупно 7 пумпи за испумпување вода и повеќе багери за расчистување и интервенции. Во населбата Црквиште се користат сите расположливи пумпи за санација на поплавените објекти.
ЈП “Македонија пат“ информира дека на повеќе делници има наноси од земја, кои се расчистуваат по приоритет“.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, нагласуваат од ЦУК, е во постојана координација со градоначалниците на засегнатите општини.
„Поради обилните врнежи во повеќе региони низ државата се зголемени водостоите на реките, а има и поплавени терени, подруми и земјоделски површини. На терен се ангажирани екипи на јавните претпријатија, механизација и приватни компании за испумпување вода, расчистување и интервенции.
Состојбата, според ЦУК се следи во сите засегнати региони: Ресен, Битола, Демир Хисар, Охрид, Крива Паланка и околината.
„Дежурни екипи остануваат на терен и во текот на ноќта, а Центарот за управување со кризи будно ја следи состојбата и за понатамошни интервенции“.
Фото: принтскрин

