Македонија
Османи ја почна кампањата: „Мисијата ја почнав од седиштето на НАТО и се надевам дека ќе ја завршам во седиштето на ЕУ“
Првиот дипломат, а воедно и кандидат за претседател на Европскиот фронт, Бујар Османи, со прес-конференција одржана пред претседателската резиденција во Скопје, Вила „Водно“, во придружба на подмладокот на коалицијата ја почна кампањата за претседател на Република Северна Македонија.
Османи рече дека денеска почнува едно многу важно патување, на народниот референдум, за иднината на нашата држава.
„Бидејќи со вашата поддршка имав привилегија и ми беше дадена можност да служам во најважните интегративни процеси во државата, ценам дека имам искуство, имам знаење, имам кредибилитет и контакти во центрите на одлучување, но имам и заложба да го заокружам сонот на секое семејство, сонот на секој граѓанин на нашата држава за светла иднина во Европската Унија“, истакна Османи, појаснувајќи дека државата е на крстопат, на кој едниот пат води кон светла, просперитетна, европска иднина, додека другиот пат води кон изолација, нејасност и недостиг на перспектива и дека токму поради оваа причина овие избори не се обични избори.
Османи ги покани сите да му се придружат во победничкиот караван, како што рече кандидатот, сега е дојдено времето за првиот европски претседател.
„Овде на оваа прес-конференција доаѓам директно од Брисел. Имав прилика ова голема мисија да ја лансирам токму од седиштето на НАТО во Брисел, и тоа на посебен ден. Денеска е четврти ден од четвртиот месец во 2024 година, денот на основањето на НАТО и 4-годишнината од членството на нашата земја во најмоќната политичко-воена организација во светот. И фактот што ја започнувам оваа мисија под бројот 4 за мене е исто така симболично дека сме на вистинскиот пат. Оваа мисија ја започнав од седиштето на НАТО, но се надевам дека ќе ја завршам како Претседател на Републиката во седиштето на Европската унија, седнувајќи на масата на Европскиот совет како полноправна членка“, истакна Османи.
Османи информира дека од денеска под слоганот: „Европски претседател!“ и со изборната програма наречена „Декалогот на европскиот претседател“, под број 4, ќе оди во четирите страни на државата за да ги слуша потребите на граѓаните, нивните очекувања, но и да ги откријат плановите за посветла иднина во Европската Унија.
„Зад мене стои најголемиот мултиетнички блок, коалицијата на девет политички партии собрани под Европскиот фронт, нова платформа произлезена од Охридскиот рамковен договор, која има за цел да го одржи евроатлантскиот курс на оваа земја. Воедно да одржува хармонија и соживот во нашата заедничка земја, добри меѓусоседски односи, но секако и да се заврши во текот на следниот мандат т.е. до 2030 година интеграцијата на земјата во Европската Унија, што ќе овозможи подобар живот, просперитетен и европски живот за сите нас“, заклучи кандидатот за претседател, Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска: Како никој не се сети да им каже во ЕУ дека самите во член 4 гарантираат немешање во внатрешните работи и почитување на уставните структури
Како може некому да ветите дека ќе го смените Уставот, кога Уставот може да го сменат само пратениците во Уставот. Како знаете, дека вие можете однапред да ветите нешто што не е ваша надлежност?, му порача кандидатката за претседателка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова на нејзиниот опонент Стево Пендаровски во телевизиско соочување вечерва.
„Деновиве Макрон даде изјава дека ЕУ не е само територија, туку е концепција на човештвото и правото. Е, од тоа тргнувам и јас кога размилувам за ЕУ. За нејзините темелни вредности и принципи без кои таа не е политине заедница туку е само машинерија. Значи таа не е догма. Што ќе направам јас? Најпрво ќе направам регионални чекори. Штом ќе завршат изборите јас сакам да разговарам со моите соседи и заради регионалната политика и заради очекуваната поддршка од нив. Сакам да објаснам дека и кога има една преговарачка рамка не е логична заканата со вето. И дека може, дури и кога преговарачката рамка е ваква, низ интерпретација поинаква да се примени. Од типот, ако вие речете дека нема да употребувате вето за идентитески прашања, за историските дилеми и слично, протоколите, туку за Копенхагенските критериуми, јас ќе бидам сосема согласна. Значи, мислам дека е време кога ќе се смени власта, да чуе што мислиме и ние. Оти тоа е дијалогот што е нужен за добрососедски односи. Ако некој не го кажувал и ова досега, веројатно и тогаш било се во нивни раце“, рече Силјановска-Давкова.
Понатаму, како што додаде, како никој не се сетил да им каже на оние од Советот и од Европската комисија и сите останати со тоа се рушат темелните вредности на ЕУ? Бидејќи ЕУ гарантира во членот 4 почитување на уставните и политичките структури, немешање во внатрешните работи, почитување на дигнитет и интегритет, различности, неставање на билатерални спорови во рамката. Ако тоа не го кажете, вие ќе останете на прагматичните решенија.
Доаде и дека ниту еден од темелите на кои почивала програмата на Пендаровски во 2019 година не останале. Сите се урнале и ништо не е остварено.
Македонија
СДСМ за Димитриевски: Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци
Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци и во тоа нема ништо социјалдемократски ниту вредносно туку единствено и само личен интерес, реагира СДСМ по обвинувањата кои ги упати Максим Димитриевски од ЗНАМ, дека дозволиле отварање на бугарски клубови во Македонија и нивната ароганција е ненадминлива.
„За тоа кој ги отвораше клубовите со имиња како Ванчо Михајлов адресата е Белиот дворец на ДПМНЕ. Многу позната адреса каде ЗНАМ ги договара идните чекори за соработка заедно со поддршката на Гордана Силјановска Давкова.
Освен сликите на Ванчо Михајлов по штабовите на ДПМНЕ доволно говорат сликите на Мицкоски со основачите на тие клубови по манастирите низ државава за кои не слушнавме ниту збор од ЗНАМ.
Дали е тоа поради враќање на стари долгови за локалните избори 2021 година во Куманово или нови долгови јавноста ќе види многу скоро“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Македонија
Утревечер и во петок нестабилно време со пороен дожд и грмежи
Времето утре ќе биде променливо облачно.
Од пладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Услови за пороен дожд ќе има во текот на ноќта. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје променливо облачно. Од пладневните часови во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Утре, во ноќта кон петок и во петок на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град.
Дневната температура од утре до сабота ќе биде во постепено опаѓање, а во недела ќе се покачи за 2 до 4 степени..