Македонија
Османи: Ќе останам чувар на Охридскиот рамковен договор за да ја заштитам консензуалната демократија
Во екот на настаните во рамките на кампањата на кандидатот за европски претседател, Бујар Османи, денес се одржа панел дискусија со универзитетски професори и аналитичари на тема: „Граѓански устав vs. Охридски устав“. Османи во оваа прилика ја изрази својата загриженост дека идејата за унитарен Устав со кој ќе се избришат етничките заедници иницирана прво од Левица, потоа од ВМРО ДПМНЕ, сега е поддржана од албанските политички опоненти, „Шокантно е што албанските опозициски партии влегоа во оваа игра, поради калкулации за власт“.
„Тезата за граѓански устав, или устав каде основна единица на државата е само индивидуата, а не колективот, како формирачка единица на државата, е најголемата опасност што може да ѝ се случи на државата и најголемото укинување што може да му се случи на Охридскиот рамковен договор… Отстранувањето на сите заедници од Уставот, односно враќање на мнозинската демократија, каде доминантно е надгласувањето и мајоризацијата. Надгласувањето и мајоризацијата доведуваат до асимилација на другите групи од страна на мнозинството што е дефинирачко во оваа земја. Затоа сакав да разговараме на оваа тема денес. Прашањето за балансерот, мислам дека во суштина овој предлог има врска со албанофобијата. н авредлив го сметам аргументот дека балансерот го намалил квалитетот“, рече Османи.
Османи истакна дека Охридскиот рамковен договор ја трансформирал државата, од мнозинска демократија, каде што имаше целосна мајоризација од една заедница кон другите заедници, во консензуална демократија. Во овој контекст, тој се заложи дека ќе остане чувар на Охридскиот рамковен договор, за заштита на консензуалната демократија.

„Овие избори не се избори меѓу многу политички партии и кандидати. Имаме битка меѓу две визии: визијата за интеграција, соживот, економски развој и благосостојба и визијата, односно концептот на изолација, меѓуетнички тензии и заостанатост. Затоа што тоа се понудите. Понудата на национализам и шовинизам за која се потребни 61 пратеник за да се исклучат другите. 61 е парадигмата на исклучување на другите. Ова е идејата – да се исклучат другите во одлучувањето или да се уништи концептот на социјалдемократијата. Понуда која вели дека ќе го уништи Договорот од Преспа, Договорот со Бугарија, што значи целосна изолација на земјата, блокирање на интеграциите и пропаѓање на Охридскиот рамковен договор, враќање на меѓуетничките тензии, меѓуетнички конфликти“, истакна Османи.
„Академици од различна етничка припадност едногласно оценија дека граѓанскиот устав не може да ја одрази мултиетничката реалност на Северна Македонија и дека обидите за бришење на измените на Уставот по Охридскиот рамковен договор се обиди за бришење на самиот Охридски рамковен договор и враќање на земјата во декаденција. Тие посочија дека целите на партиите кои ја промовираат идејата за граѓански устав, а тоа не се граѓански, туку националистички партии, се злонамерни и опасни за државата“, се наведува во соопштението.
Меѓу панелистите што учествуваа на дебатата беа: универзитетските професори Фатмире Лимани, Аслан Билали, Али Муслиу, Ќани Нухиу, аналитичарот Алберт Муслиу, поранешниот претседател на Уставниот суд, Сали Мурати, и адвокатот Срџан Амет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.
Македонија
Четворица кандидати во трката за државен јавен обвинител добија позитивно мислење
Обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ и судијата Ненад Савески добија позитивно мислење од Советот за јавни обвинители.
Петтиот кандидат, судијата Владимир Панчевски, уште пред почетокот на разгледувањето на кандидатурите беше исклучен од постапката за избор поради неисполнување на условите, односно има прекини во извршувањето на функцијата судија, која не ја врши ниту сега.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител започна со огласот што го распиша Собрание на Република Северна Македонија на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат најмалку 10 години непрекинат стаж како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Согласно Законот за Јавното обвинителство, кандидатурите се доставуваат до Владата, која бара мислење од Советот на јавните обвинители. Советот има рок од 15 дена да достави образложени мислења. Доколку не даде позитивно мислење за ниеден кандидат, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. За избор на нов државен јавен обвинител се потребни најмалку 61 глас од пратениците.

