Македонија
Основците повеќе нема да учат во саботи
Унапредување на наставниот процес и организацијата на наставата, зајакнување на недискриминацијата, забрана за понижувачко постапување за учениците и за вработените во училиштата, воспоставување принцип на целосна инклузија на учениците со попреченост, спречување на насилството и други девијантни појави во училиштата, елиминирање на политичките влијанија… Ова се дел од содржините на предлог-законот за основно образование што денеска во Владата го презентира министерот за образование и наука, Арбер Адеми.
Новиот предлог-закон е ставен за јавна расправа во наредните 20 дена кога ќе може да се доставуваат мислења, забелеши, укажувања. Се планира и професионализација на училишното раководство, елиминирање какви било можности за политички влијанија, воспоставување систем на ученичко организирање, унапредување на приправничкиот стаж и промена на начинот на полагање на приправничкиот испит, надворешни мерења на постигнувањата на учениците за подобрување на воспитно-образовниот процес, односно меѓународни и државни проверки.
Паралелно се изготвува нов закон за наставници и стручни соработници во основните и во средните училишта, со кој се унапредуваат нивниот статус и права преку креирање модел за кариерен и професионален развој.
Новото законско решение не предвидува намалување на бројот на наставни денови затоа што сегашната состојба покажува дека нашите ученици до 14 години добиваат над 900 часа помалку од нивните врсници во други земји од ОЕЦД, што е рамно на една и пол година образование.
Учениците во саботи повеќе нема да одработуваат бидејќи тоа се покажало како непродуктивно. „Ако треба, школската година ќе потрае малку подолго во зависност од тоа колку денови од наставата се изгубени“, изјави министерот за образование.
За наставниците со закон ќе се регулираат неработните денови за време на зимскиот распуст на учениците. Најмалку од половина од траењето на зимскиот распуст на учениците се платени неработни денови за наставниците, но тоа не се дел од нивните годишни одмори.
Се воведува и нова надлежност на наставничкиот совет, а тоа е да дава мислење за распределба на часовите меѓу наставниците. Останува одредбата за намалување на бројот на ученици во паралелките од досегшнитеа минимум 24, а максималниот број 34 ученици, се предлага минимално 20, а максимално 30 ученици. Комбинирана парлалека може да има најмногу до 10 ученици. Паралелка може да се формира со најмалку 15 ученици, само за наставата по изборните предмети.
За учениците со попреченост се предвидени разни поддршки од образовни и лични асистенти и технологија. Во таа насока е предвидено законско решение т.н. посебни паралелеки во редовните училишта и во посебните училишта од учебната 2022/2023 година повеќе да не запишуваат ученици со попреченост. Оние што веќе учат ќе може да ја продолжат наставата, ако тоа е нивна одлука, на родителите или на старателите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.
Македонија
Четворица кандидати во трката за државен јавен обвинител добија позитивно мислење
Обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ и судијата Ненад Савески добија позитивно мислење од Советот за јавни обвинители.
Петтиот кандидат, судијата Владимир Панчевски, уште пред почетокот на разгледувањето на кандидатурите беше исклучен од постапката за избор поради неисполнување на условите, односно има прекини во извршувањето на функцијата судија, која не ја врши ниту сега.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител започна со огласот што го распиша Собрание на Република Северна Македонија на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат најмалку 10 години непрекинат стаж како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Согласно Законот за Јавното обвинителство, кандидатурите се доставуваат до Владата, која бара мислење од Советот на јавните обвинители. Советот има рок од 15 дена да достави образложени мислења. Доколку не даде позитивно мислење за ниеден кандидат, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. За избор на нов државен јавен обвинител се потребни најмалку 61 глас од пратениците.

