Македонија
Осоговските Планини ќе се прогласат за заштитено подрачје
Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, учествуваше на состанокот со сите клучни засегнати страни за дефинирање на предлог-граници и зони за формирање на заштитено подрачје Осоговски Планини.
Истакнувајќи дека заштитените подрачја се приоритет на Министерството, не само во рамки на овогодишната програма за зачувување на природата на Македонија туку и во Стратегијата за заштита на природата и Стратегијата за заштитата на биодиверзитетот, заменик-министерот Макрадули ја поздрави иницијативата на градоначалниците од Источниот Плански Регион (ИПР) кои го препознааа и прифатија предизвикот да ги прогласат Осоговските Планини за заштитено подрачје, тврдејќи дека реализацијата ќе има исклучително позитивен придонес во зачувувањето на природата во државата.

,,Верувам дека, благодарение на Програмата за зачувување на природата на Македонија, ова ќе претставува уште еден голем успех, резултат на соработка на различни институции и чинители и очекувам дека веќе во 2019 година ќе можеме да се пофалиме дека Осоговските Планини се прогласени за заштитено подрачје. Заедно со прогласувањето на Шар Планина за заштитено подрачје, ќе се зголеми процентот на заштитени подрачје во Македонија, ќе се унапреди имплементацијата на Стратегијата за заштита на природата и Стратегијата за заштита на биодиверзитетот, а сето тоа ќе биде во прилог на исполнување на условите од конвенциите и таргетите на Европската Унија за заштита на природата”, истакна Макрадули.
Тој додаде и дека преку Програмата за зачувување на природата на Македонија – фаза 2 ќе биде промовиран и концептот на за екосистемски услуги, односно генерирање финансиски средства преку подобрување на поврзаноста меѓу заштитеното подрачје и оние кои ги носат одлуките, како локалната самоуправа, Владата или бизнисзаедницата.
Обраќање имаше и Николчо Илијев – претседател на Совет на ИПР и градоначалник на општина Кочани, кој изјави: „Она што го дала природата треба одговорно да се користи и сметам дека природните реткости треба да се заштитат за да останат за идните генерации. Ова е долготраен процес и затоа сме овде да дебатираме и да побараме поддршка од институциите, со крајна цел да ги прогласиме овие подрачја за заштитени подрачја”.
Активностите за прогласување на Осоговските Планини се спроведуваат во рамки на Програмата за зачувување на природата на Македонија – фаза 2, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), а ги реализира Македонското еколошко друштво во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и локалните самоуправи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

