Македонија
Осомничен 20-годишен жител на Љуботен за избегнување да плати акциза за тутун
Скопското обвинителство отвори постапка против едно лице осомничено дека сторило кривично дело – Избегнување на плаќање акциза.
Од обвинителството велат дека осомничениот е 20-годишен жител на Љуботен, кој со намера да избегне целосно плаќање на акцизата на која е обврзан со Законот за акцизи, на 1 јуни од непознато лице набавил акцизни тутунски добра без контролни маркици.
„Со намера да го продава тутунот на зелениот пазар Бит Пазар, го натоварил во патничко моторно возило Фолксваген голф. При обидот да го превезе тутунот, осомничениот бил сопрен од страна на полициски службеници. При контрола на возилото биле пронајдени 100 кутии од по 600 грама тутун со натпис на кутиите “GREECE SUPER KAMELIA VIRGINIA” и 100 кутии од по 600 грама тутун со натпис на кутиите “GREECE TOBACCO VIRGINIA” или вкупно 120 килограми фино сецкан тутун. За овие тутунски добра осомничениот избегнал и не платил акциза во вкупен износ од 162.000 денари“, велат од Обвинителството.
До судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд – Скопје, надлежниот обвинител достави предлог за определување мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
(Видео) Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк
Старите дискотеки во Градскиот парк во Скопје ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изгради нов Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Уривањето на дискотеките и расчистувањето на просторот веќе е започнато, а нема најава кога ќе почне изградбата на новиот Луна Парк.
Ѓорѓиевски објави видео на кое, како што вели, се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки, со што локацијата се подготвува за реализација на проектот – изградба на Луна паркот во Скопје.
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на луна паркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив, најдоброто за Скопје“, напиша тој.
Македонија
АХВ нема да постапува по анонимно поднесени претставки
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира физичките и правните лица дека согласно член 62 став 3 од новиот Закон за инспекциски надзор, кој е во сила од 01.01.2026 година, инспекциските служби на АХВ нема да постапуваат по анонимно поднесени иницијативи за спроведување на инспекциски надзор за прашања од делокруг на работењето на институцијата.
Постапувањето по иницијативите кои се уредно поднесени ќе се реализира согласно Процедурата за постапување по иницијативи за инспекциски надзор на АХВ.
Иницијативата може да се поднесе директно до АХВ преку контакт формата Поднесете претставка објавена на интернет страната на Агенцијата, електронски на [email protected], [email protected], како и лично во секоја подрачна единица на АХВ, на соодветен образец за поднесување иницијативи.
„Иницијативата задолжително треба да содржи назив на инспекцијата до која се поднесува, име, презиме и адреса на подносителот, односно, назив и седиште на правното лице, законски застапник или полномошник доколку го има, краток опис на повредата и назначување на субјектот кај кој се бара вршење на инспекциски надзор.
Доколку поднесената иницијатива е нецелосна или нејасна, таа ќе се врати до подносителот кој треба да ја прецизира/дополни во рок кој не подолг од 7 дена. Доколку подносителот не ја дополни иницијативата во определениот рок ќе се смета дека истата е повлечена“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

