Македонија
Оставка на директорот на основното училиште во Ѓорче Петров каде деца се обидоа да силуваат соученик
Градоначалникот на општината Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, соопшти дека од лични и морални причини оставка поднел директорот на општинското основно училиште во кое се случи обид за силување на ученик. На негово место, веќе е именуван нов ВД директор.
Стојкоски информираше и дека е формирана комисија која ќе поведува дисциплинска постапка против четворица вработени, а суспендиран е одговорниот наставник за одделението. По утврдувањето на одговорноста на секој од нив, зависно од дејствијата кои ги презеле или пропуштиле, соодветно ќе бидат санкционирани.
„Изразувам жалење и најсилна осуда за немилиот настан во едно од нашите ООУ, во која се инволвирани ученици од најмалите одделенија. Информираме дека сме во постојана комуникација од моментот на пријавување на настанот со сите инволвирани институции, МВР, МОН, социјални служби и обвинителство“, рече Стојкоски додавајќи дека општината и училиштето соодветно ги презеле сите мерки согласно Законот за основно образование и Законот за наставници и стручни соработници, како и согласно Упатството за постапката за пријавување и заштита на ученици жртви на насилство, злоупотреба и занемарување.
МВР претходно објави дека завчера во период од 11 до 15 часот, во двор на основно училиште на подрачјето на Ѓорче Петров, ученикот бил физички нападнат од двајца негови соученици, кои се обиделе да извршат полово дејствие врз него.
Случајот во полицијата го пријавил таткото на ученикот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За девет месеци од наплата на патарините државата заработила над 58 милиони евра
Вкупните приходи од наплата на патарина за првите девет месеци од годинава изнесуваат 3.611.645.604, денари (58,725 милиони евра).
Во септември годинава прометот на наплатните станици изнесува 401.971.971 денар, а во летните месеци кога е највисока фрекфенцијата на возила, биле инкасирани 494.308.025 во август, 469.811.647 во јули и 399.325.680 денари во јуни годинава.
Најпрофитабилна е наплатната станица Романовце, а најниски се приходите на Кадрифаково.
Македонија
Најмногу дожд во изминатото деноноќие падна во Пожаране и Попова Шапка
Најмногу дожд во изминатото деноноќие наврал во Пожаране и Попова Шапка, а најмалку во Штип и Кавадарци.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека во Пожаране и Попова Шапка наврнале 32 литри на метар квадратен, во Маврови Анови и Крушево 23, во Тетово 21, во Претор 20, во Лазарополе 14, во Гевгелија 11, во Битола, Тополчани и Скопје-Зајчев Рид 6, во Ѓуриште, Пожар-Радовиш 5, во Прилеп, Велес, Скопје-Петровец 4 и во Штип и Кавадарци еден литар на метар квадратен.
До вторник синоптичарите најавуваат променливо облачно време со локални врнежи од дожд. Денеска наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), проследени со засилен ветер и појава на ретки грмежи.
Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 12 до 17 степени.
Македонија
Таен ринг за борби со кучиња разоткриен во битолско, заработувале од мачење животни
Грчки државјанин сопственик на куче, пит бул, косовски државјанин сопственик на куче од расата американски стафорд, како и двајца македонски државјани како соизвршители ќе одговараат на кривично дело – Убивање и мачење животни од член 233 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Основното јавно обвинителство Битола ги прибра сите потребни докази и поднесе обвинение, бидејќи на 1 ноември во селото Црнеец во близина на Стрежево, тие заради користољубие грубо ги злоупотребувале и ги изложиле на непотребни маки кучињата.
Првообвинетиот организирал борба меѓу двете кучиња во дворот од семејната куќа на второобвинетиот, кој претходно имал подготвено ринг каде се одвивала борбата. Настанот го следеле и други лица од Косово, Грција и Македонија, кои полициските службеници ги затекнале на лице место и кај кои биле пронајдени парични средства во различни апоени на евра и денари наменети за обложување.
Како резултат на борбата, со особено тешки повреди се здобило кучето од расата пит бул, кое имало угризни рани со различна големина, тешки повреди на главата и видливи знаци на трауматски шок.
Доказите обезбедени до овој момент упатуваат на сомненија дека се работи за организирана операција за која бил подготвен ринг за борби за кучиња во кој се пронајдени траги кои укажуваат дека вакви борби се случувале и друг пат, како и лекови за пружање прва помош на повредени кучиња.
Јавниот обвинител до Основниот суд во Битола достави предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за двајцата македонски државјани.
Доколку двајцата странски државјани кои се во бегство од моментот на сторување на делото, не бидат обезбедени до почетокот на судската постапка, јавниот обвинител ќе предложи нив да им се суди во отсуство.

