Македонија
Остри реакции од Москва поради авионот на Лавров, се споменува можноста за отповикување на амбасадорите
Бројни реакции во Москваоткако Северна Македонија, Црна Гора и Бугарија забранија авионот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров да прелета низ нивна територија.
Рускиот дипломат Сергеј Орџоникиџе предупреди дека Русија може да ги отповика амбасадорите на Северна Македонија, Црна Гора и Бугарија поради ситуацијата со Лавров.
„Мислам дека реакцијата треба да биде најостра, бидејќи спречија висок функционер на нашата земја да ја изврши својата дипломатска должност. Ова е политички чекор на антируска ориентација“, изјави тој за РИА Новости. Тој предвиде дека би можело да дојде до прекин на дипломатските односи меѓу Русија и трите земји, но, коментирајќи ја можноста за отповикување на амбасадорите, рече: „Тоа е прилично веројатно“.
Уште поостар беше директорот на руската државна вселенска агенција Роскосмос, Дмитри Рогозин, кој на Твитер ја спомена интерконтиненталната балистичка ракета Сармат, која црногорските и бугарските медиуми ја оценија како закана.
„Еве зошто „Сармат“ е добар? Тој нема да бара дозвола за прелет од кукавичките Бугари, одмаздољубивите Романци и Црногорци кои ја предадоа нашата заедничка историја“, рече тој, пренесе „Б92“.
Зборуваше и заменик-претседателот на Советот на федерацијата Константин Косачов, кој смета дека реакцијата на Москва и Белград за затворањето на воздушниот простор за авионот на Лавров треба да биде заедничка и крајно остра.
Тој оцени дека денешниот демарш нема врска со авионот, туку е насочен против Русија како држава и против Србија како држава.
Тој смета дека колективното одбивање на Бугарија, Црна Гора и Северна Македонија да го пропуштат авионот на Лавров за Србија, без сомнение, не е одлука на овие три земји и на својот Телеграм канал оцени дека со таквото директно мешање во билатералните работи на две суверени европски земји кои не се членки на Алијансата, Русија и Србија, НАТО се обидува да го „зароби и потчини“ остатокот од Европа.
Првиот заменик-претседател на Комитетот за меѓународни прашања на Советот на Руската Федерација Владимир Џаберов оцени дека одбивањето на земјите што ја опкружуваат Србија да дозволат лет на авионот на рускиот министер за надворешни работи е „чекор без преседан“ во светската дипломатска практика.
„’Браќата’ повторно се покажаа во својата слава. Тоа значи дека рускиот природен гас што се испорачува во овие земји за нив апсолутно не е токсичен, додека летот на авион со руски министер е причина за сериозна загриженост“, ироничен е Џаберов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на „Стоп за Усје“
Претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, прими претставници на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, кои ги образложија нивните ставови врзани за влијанието на цементарницата Усје врз квалитетот на воздухот и здравјето на луѓето.
Истакнувајќи ги своите барања, тие укажаа на потребата од воспоставување мерни станици со 24/7 мерење на загадувачките супстанци, целосна транспарентност на добиените податоци, како и усогласување со препораките на Светската здравствена организација за граничните вредности на ПМ10 честичките.
Претставниците на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ споделија компаративни примери од други држави каде што пропишаните параметри се пониски од македонските.
Според нив, наместо да се ангажираат приватни акредитирани лаборатории за независни мерења, треба час поскоро да се забрза процесот на акредитација на државната лабораторија.
За нив, неопходна е поголема институционална поддршка и очекуваат надлежните, доследно, транспарентно и неодложно да ги извршуваат законските обврски во интерес на заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните.
Претседателката, пред сè како граѓанка, ја сподели загриженоста за загадувањето на воздухот, почвата и водите, како едно од најгорливите прашања.
Сиљановска-Давкова ги сослуша аргументите и истакна дека со внимание ги следи нивните активности насочени кон поздрава и побезбедна животна средина, како врвен национален приоритет.
Таа потсети дека не случајно го именувала за член на Советот за безбедност, професор и научник од областа на метеорологијата и климатските промени, д-р Спиридонов.
Соговорниците се согласија дека животната средина е заедничка одговорност и стратешка определба, оти е неопходен континуиран дијалог меѓу граѓанските организации, институциите и стопанските субјекти заради креирање одржливи и долгорочни решенија, како и дека Собранието треба, согласно Деловникот, да ги отвори портите за нив во расправата за законите од областа на животната средина и вршењето на надзорната функција.
Македонија
Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката за техничка исправка на ДУП за дел од локалитетот Буњаковец 1
Советот на Општина Центар на денешната седница не ја изгласа одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“.
Сите 23 советници гласаа против донесувањето на предлог-одлуката.
,,Ние, како администрација, имаме обврска точката да ја ставиме на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пи-ар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации“, рече градоначалникот на Општина Центар. Горан Герасимовски
Претходно, Комисијата за урбанизам на Општина Центар даде позитивно мислење за предлог-одлуката.
Од оптината појаснуваат дека согласно законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, како што додаваат, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.

