Македонија
Осум лица починаа од коронавирус, потврдени се 136 нови случаи
Во изминатите 24 часа осум пациенти починале од коронавирус, а потврдени се 136 нови случаи, соопшти Министерството за здравство.
Во последните 24 часа се направени 1.208 тестирања. Најголем број нови случаи се од Скопје – 80 и во Тетово – 24 случаи.
Во Куманово шест случаи, во Охрид се потврдени пет нови случаи, во Прилеп и Велес по три, во Ресен и Гостивар четири случаи, и по еден случај во Штип, Струга, Струмица, Крива Паланка, Кочани, Кичево и Неготино.
Починати се осум лица, двајца пациенти од Скопје, двајца од Куманово, двајца пациенти од Тетово, еден од Велес и еден пациент од Кичево.
Во текот на вчерашниот ден, веднаш по приемот, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина 57-годишен пациент од Велес.
Во ГОБ „8 Септември“ починаа две лица од Скопје пациент (56 г.) примен на 11 јуни и пациентка (68 г.) примена на 13 јуни. Починаа две лица од Куманово, пациентка (47 г.) примена на 12 јуни и пациентка (59 г.) примена на 14 јуни.
Починаа две лица од Тетово, пациент (78 г.) примен вчера и пациентка од (47 г.), хоспитализирана на 22 јуни.
Во ОБ Битола почина пациент од Кичево (61 г.) хоспитализиран на 21 јуни.
Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 43 оздравени пациенти од Скопје – 26, Штип – 1, Прилеп – 1, Тетово – 6, Велес – 4, Гостивар – 2, Кочани – 1, Пробиштип – 1, Кратово – 1.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 5.445, бројката на оздравени пациенти е 2.091, на починати е 259, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.095.
На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се четири пациенти. Вкупно се хоспитализирани 93 пациенти. На кислородна поддршка се 36 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација. Во болницата во Козле 1 дете и 11 возрасни позитивни на Ковид-19.
Во ГОБ „8 Септември“ примени се 17 нови, 4 пациенти се трансферирани во болницата во Козле. До утрово вкупно хоспитализирани се 124 пациенти. На респираторна машина се 5 пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 32 пациенти, а во болницата во Штип се хоспитализирани 23 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 75 пациенти – позитивни и сомнителни на Ковид-19.
Активни случаи по општини Скопје заклучно со вчера (по завршување на епидемиолошките анкети, може да има измена во дистрибуцијата по општини во Скопје)
• Чаир – 413
• Аеродром – 135
• Бутел – 136
• Гази Баба – 149
• Центар – 127
• Карпош – 124
• Сарај – 141
• Кисела Вода – 101
• Ѓорче Петров – 83
• Студеничани – 89
• Шуто Оризари – 72
• Арачиново – 49
• Илинден – 33
• Петровец – 16
• Чучер Сандево – 16
• Сопиште – 12
• Зелениково-2
• Странец – 3
• Нераспределен-3
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.
Македонија
Четворица кандидати во трката за државен јавен обвинител добија позитивно мислење
Обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ и судијата Ненад Савески добија позитивно мислење од Советот за јавни обвинители.
Петтиот кандидат, судијата Владимир Панчевски, уште пред почетокот на разгледувањето на кандидатурите беше исклучен од постапката за избор поради неисполнување на условите, односно има прекини во извршувањето на функцијата судија, која не ја врши ниту сега.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител започна со огласот што го распиша Собрание на Република Северна Македонија на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат најмалку 10 години непрекинат стаж како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Согласно Законот за Јавното обвинителство, кандидатурите се доставуваат до Владата, која бара мислење од Советот на јавните обвинители. Советот има рок од 15 дена да достави образложени мислења. Доколку не даде позитивно мислење за ниеден кандидат, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. За избор на нов државен јавен обвинител се потребни најмалку 61 глас од пратениците.

