Македонија
Осум македонски државјани најдоцна до утре ќе бидат евакуирани од Израел, 28 побарале помош
Заклучно со денешниот ден, вкупно 28 македонски државјани побарале поддршка за евакуација, соопшти министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Министерот нагласи дека веднаш по добиените информации за ескалацијата на безбедносната состојба на Блискиот Исток, Министерството преку дипломатско-конзуларното претставништво во Израел започнало активности за евакуација на македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на таа земја. Формиран е кризен штаб со примарна надлежност за организација на безбедно извлекување на нашите државјани, а Амбасадата во Тел Авив од самиот почеток на кризата е во редовна и директна комуникација со нив.
„Согласно најновите информации, заклучно со денешниот ден, вкупно 28 македонски државјани побарале поддршка за евакуација. Првата фаза од процесот ќе се реализира преку трета земја – Египет. Очекуваме осум наши државјани (четири возрасни лица и четири деца) до крајот на денешниот ден, или најдоцна утре, да бидат префрлени на безбедна територија, од каде што по воздушен пат ќе се изврши нивно враќање во земјата“, изјави Муцунски.
Тој додаде дека македонската амбасада во Тел Авив активно ги финализира подготовките за првата група – вклучително и обезбедувањето на потребната документација, логистиката и организацијата на безбеден конвој за трансфер кон Египет.
„Како што беше побарано од самите државјани, втората група се очекува да ја напушти територијата на Израел и да замине кон нашата држава веднаш по воспоставувањето на редовен авионски сообраќај од аеродромот во Тел Авив“, додаде министерот.
Со оглед на прекинот на редовниот воздушен сообраќај со Израел, оваа фаза од евакуацијата ќе се реализира со авион во сопственост на Владата, кој ќе обезбеди транспорт за првата група државјани кои изразија подготвеност веднаш да ја напуштат територијата на Израел.
Муцунски посочи дека персоналот на нашата амбасада се наоѓа на безбедна локација и останува постојано на располагање на македонските граѓани. Воедно, потсети дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија упати апел до сите наши државјани да се воздржат од патувања во Израел и Иран, освен во случаи на апсолутна неопходност.
„Повторно нагласуваме дека 24-часовно се достапни дежурните телефонски броеви на Министерството и на нашата амбасада во Тел Авив за сите прашања, поддршка и конзуларна помош“, подвлече министерот.
На крајот на прес-конференцијата, Муцунски упати апел до сите страни да го почитуваат меѓународното право и да покажат воздржаност.
„Внимателно ја следиме состојбата на Блискиот Исток и ја изразуваме нашата најдлабока загриженост за опасната ескалација. Ја повторуваме нашата силна посветеност на регионалната и глобалната безбедност и апелираме до сите страни да го почитуваат меѓународното право, да покажат воздржаност и да се воздржат од понатамошни дејствија кои би можеле да доведат до сериозни последици“, заклучи министерот Муцунски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

