Македонија
Осум празни контејнери; Извојувавме победа, рече градоначалничката Арсовска

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, преку социјалните мрежи порача дека успеала да извојува уште една победа во интерес на жителите на градот.
„Успеавме да извојуваме уште една победа со цел заштита на јавниот интерес, интересот на скопјани“, напиша градоначалничката Данела Арсовска покрај фотографиите од осум исчистени контејнери.
„Скопје се чисти, екипите на ‘Комунална хигиена’ – Скопје се на терен, состојбата во претпријатието е нормализирана. Не дозволивме и нема да дозволиме мафијашки структури заедно со политичкиот смет да наштетат на интересите на македонските граѓани“, рече градоначалничката.
Арсовска додаде дека ништо нема да ја спречи да го исполни ветеното пред граѓаните.
„Она што го ветив пред граѓаните е дека ќе работам чесно и во нивен интерес и ништо нема да ме спречи да го исполнам дадениот збор“.
Претходно, Советот на Скопскиот Плански Регион одлучи да побара извештај од Град Скопје за состојбите поврзани со комуналната хигиена, како и препорака со која се бара Град Скопје да ја разгледа состојбата и да преземе мерки за итно постапување од Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје во решавање на проблемот и иницијатива самите општини да ја преземат механизацијата за одржувањето на комуналната хигиена.
Тие ја повикаа градоначалничката Данела Арсовска веднаш да најде решение за проблемот и да не го остава градот блокиран. Побараа „Дрисла“ да ги отвори рампите за да може нивната механизација да продолжи да работи.
Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ ја повикаа градоначалничката Данела Арсовска да поднесе оставка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МОН: Системски го решивме прашањето со набавка и испорака на учебници, испечатени се и доставени до сите училиштата

Четири министри во Владата на СДСМ раководеа со Министерството за образование и наука во период од седум години и не успеаја да обезбедат учебници ниту за основците, ниту за средношколците. Сега кога ситуацијата е надмината, оваа политичка партија чија слаба страна е образованието, се обидува токму во оваа област да собира политички поени, велат од МОН.
„Не им успева, бидејќи учебници има. Целиот тираж кој беше побаран од училиштата е испечатен и испорачан. Сегашното раководство системски го реши овој предизвик од минатото, со ново законско решение во чија изработка учествуваа сите засегнати чинители, како и со интензивен ангажман на надлежните институции, органи и тела.
Испечатени се сите претходно одобрени учебници по сите предмети. За прв пат по цели седум години, обезбедени се и нови учебници по странските јазици во сите одделенија. Целосно нови учебници има во седмо одделение во основното образование и во прва година во гимназиско образование, поради примената на нови наставни програми од оваа учебна година“.
Најавуваат дека обновата на наставните програми и на учебниците ќе продолжи и во следниот период, затоа што, како што велат, тие се основата на квалитетното образование, заедно со наставниците и инфраструктурните услови.
„Помина времето на негрижа кон образовниот систем, учениците, наставниците и родителите. Промените се случуваат, а ефектот ќе се огледа преку новите генерации кои ќе располагаат со поконкурентни знаења и потребните вештини за успех“.
Македонија
18 проценти од сите смртни случаи годишно во Македонија се последица на штетни честички во воздухот: Европската зелена партија со поддршка за ДОМ

Европската зелена партија испрати јасна порака за поддршка на зелената партија ДОМ, истакнувајќи ја итната потреба од одлучни политики за чист воздух и одржливо управување со отпадот во Македонија, соопшти ДОМ.
Во својата објава, Европската зелена партија посочува дека речиси 18% од сите смртни случаи годишно во Македонија се последица на изложеност на штетни честички во воздухот. Лошото управување со отпадот предизвикува пожари и токсичен чад, што ја зголемува загриженоста кај населението.
„Како одговор, граѓаните излегоа на улица, барајќи чист воздух и безбедно управување со отпадот. Властите и локалните претставници мора да дејствуваат за да ги заштитат своите граѓани“, стои во реакцијата на Европската зелена партија.
Од ДОМ велат дека е нагласена поддршката за барањата на оваа партија за национален план за управување со отпад, современи мерни станици за квалитет на воздухот и итен мораториум на дивите депонии.
„Со оваа поддршка, зелената партија ДОМ ја зацврстува својата улога како автентичен глас за зелена иднина на Македонија и како дел од европското семејство на зелени партии. Во пресрет на локалните избори, зелената партија ДОМ заедно со граѓанските и политичките партнери во „Коалицијата за зелена иднина“ ќе продолжи да се бори за здрав воздух, чиста животна средина и фер управување со јавните ресурси – вредности што се темел на европска Македонија“.
Македонија
Утре со ведро и посвежо утро, преку денот сончево

Утре ведро и посвежо, преку денот сончево. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 20 до 28 степени.
Во Скопје, сончево. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Во наредните денови следува период на сончево време со посвежи утра, а дневната температура ќе биде во постепен пораст. Особено топло ќе биде во деновите од викендот и во почетокот на следната седмица.