Македонија
Изложба на фотографии од балканскиот рис во Галичник: останати се уште помалку од 50 единки од овој критично загрозен вид

Македонското еколошко друштво вчера во Галичник ја отвори изложбата на фотографии од балканскиот рис.
Изложбената поставка содржи 21 фотографија од балкански рисови фотографирани во Македонија, Албанија и Косово.
Пред присутните се обрати раководителот на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, Диме Меловски, кој објасни дека денес во дивината се останати уште помалку од 50 единки од овој критично загрозен вид.
Многубројната публика го искористи присуството на тимот на Македонско еколошко друштво за да ги прошири своите знаења за балканскиот рис.
Програмата за закрепнување на балканскиот рис, која делува во рамки на МЕД, следната година одбележува две децении постоење и посветена работа. Таа беше првиот поттик за систематско мониторирање и истражување на овој вид, со крајна цел да се обезбеди неговиот опстанок.
Балканскиот рис е апекс-предатор, без природни непријатели во животинскиот свет. Неговиот најголем непријател е човекот – преку криволов или индиректно, преку уништување на шумите, со што се загрозува неговото живеалиште и се поттикнува неговото исчезнување.
Во хотел „Неда“ ќе биде достапна за посета до 31 август, а влезот е бесплатен. Изложбата има патувачки карактер, таа ќе биде претставена и во други места низ Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) До 11 часот и 15 минути гласале 9,38 проценти од избирачите

До ДИК, до 11 часот и 15 минути не се пристигнати информации за евентуални проблеми со кои би се соочувале избирачките одбори на терен или некои поголеми непријатности, известија од Државната изборна комисија.
До 11 часот и 15 минути пристигнати се податоци за одѕивот на граѓаните на Локалните избори од 3139 избирачки места, од вкупно запишани 1 645 583 гласачи, на овие избирачки места гласале 154 275 односно 9,38 проценти, соопштија од ДИК.
Овој изборен процес го набљудуваат 1484 набљудувачи, од кои 807 домашни, 640 меѓународни и 14 странски новинари.
Најголем одѕзив има во Берово, Богданци, Бутел, Вевчани, Виница, Гевгелија, Градско, Дебарца, Демир Капија, Зелениково, Кратово, Крива Паланка, Крушево, Новаци, Пробиштип, Ранковци и Чашка.
Најмал одѕив има во Сопиште, Центар Жупа, Боговиње и Врапчиште.
Македонија
Регистрирани се 20 пријави за нарушување на изборниот молк

За време на предизборниот молк, во текот на 18.10.2025 до 07:00 часот на 19.10.2025, односно до отворање на избирачките места, регистрирани се 20 пријави за нарушување на изборниот молк од кои шест на подрачје на СВР Скопје, четири на подрачје на СВР Куманово, потоа СВР Велес – три, по два настани на подрачје на СВР Охрид, СВР Штип и СВР Битола и еден на подрачје на СВР Струмица. По преземени мерки не се потврдени пријавите за 15 настани, извести МВР.
„Покрај ова, регистрирани се 47 објави на социјалните мрежи за време на изборниот молк кои се однесуваат на повик за гласање за одредени кандидати, како и објавени видеа и слики од партиски активности во штабови.
На сите подрачја гласањето на болни и изнемоштени лица и затвореници помина без нарушување на гласањето, регистриран е само еден настан“, додаваат од МВР.
Македонија
(Видео) ДИК: На две избирачки места гласањето се одвива без користиње на уредот за биометриска идентификација

Во Куманово едно избирачко место, број 1133, каде се запишани 12 гласачи, поради објективни околности, односно немање струја во тоа избирачко место, се гласа без уредот за биометриска идентификација, известија од ДИК.
„Согласно Изборниот законик, ДИК донесе одлука гласањето на ова избирачко место да продолжи непречено без користиње на уредот за биометриска идентификација. Не сакавме да се губи времето, затоа одлучивме на ова избирачко место гласањето да продолжи со користење на УВ спреј и УВ ламба“, изјави Борис Кондарко, претседател на ДИК.
Иста ваква одлука е донесена за едно избирачко место во Штип, број 2271 каде што има запишано 507 гласачи.
„На ова избирачко место поради технички причини, ИТ лицата ангажирани од ДИК направија обид со два резервни уреди и две смарт картички, но не можеше да се стартува тој уред за биометриска идентификација. За непречено одвивање на гласањето, донесовме одлука и во ова избирачко место гласањњто да продолжи со УВ спреј и УВ ламба за идентификација на гласачите“, додаде Кондарко.