Македонија
Отворена првата градинка во општина Старо Нагоричане
Општина Старо Нагоричане првпат доби градинка, која се наоѓа во рамки на подрачното училиште во Младо Нагоричане. За градежно-занаетчиските работи и опремувањето Министерството за труд и социјална политика обезбеди средства во износ од 3.001.780 денари. Отворањето на оваа градинка е резултат на меѓуопштинската соработка на локалните самоуправи на Куманово и Старо Нагоричане и таа ќе функционира во рамки на ЈОГД ,,Ангел Шајче’’- Куманово.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, изрази задоволство поради реализација на напорите да се отворат градинки и во места каде што никогаш немало, а особено во рурални средини, кои беа неоправдано запоставувани во минатото.
Покрај градинката во Врапчиште, која се отвори неодамна, наскоро ќе профункционираат објектите во Зрновце, Прилеп, Чашка, Караслари -Велес, а привршуваат и процедурите за градинките во Маврово Ростуше, Прељубиште, Куманово и Кавадарци. Од МТСП соопштуваат дека во текот на оваа година ќе се изгради или адаптира соодветен простор за предучилишни установи и во Кривогаштани, Чешиново – Облешево, Чучер Сандево, Горобинци, Кравари-Битола, Марена-Кавадарци, Конче, Валандово, Пробиштип, но и во други места низ државата за кои што општините ќе подготват соодветни проекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ за Сиљановска Давкова: Несоодветен јазик на претседателката на државата за агресијата врз Украина
Демократската унија за интеграција изразува загриженост и незадоволство од последните изјави на претседателката на Република Северна Македонија за време на приемот за дипломатскиот кор, каде, како што велат, непровоцираната и насилна руска агресија врз Украина беше опишана како „војна операција“.
Ваквата реторика, за ДУИ, е неприфатлива и е во спротивност со ставовите на нашата држава како членка на НАТО и кандидат за членство во Европската Унија.
„Опишувањето на една крвава агресија која предизвика огромни страдања како „војна операција“ ја релативизира криминалната природа на дејствијата и ја негира горката реалност со која се соочува украинскиот народ.
ДУИ уште еднаш го потврдува својот цврст став во поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и најостро го осудува секој обид за користење на јазик кој се вклопува во пропагандата на Кремљ.
Високите претставници на државата мора да ги рефлектираат јасно и одговорно позициите на нашата земја, почитувајќи ги нашите меѓународни обврски и стратешки сојузи.
Ја повикуваме Претседателката да размисли за нејзината одговорност да ги претставува интересите и вредностите на Република Северна Македонија со достоинство и јасност“.
Нашиот граѓани, велат од партијата на Ахмети, јасно се изјаснија дека стојат на страната на мирот, демократијата и меѓународната правда.
Македонија
30-дневен притвор за Раде Трајковски – Штекли и за уште девет лица
Кривичниот суд Скопје го прифати барањето на Обвинителството и одреди 30-дневен притвор за Раде Трајковски – Штекли и уште девет лица од групата што ја предводел, по нивното апсење во акција на МВР.
Определен е притвор и за двете лица кои се во бегство.
„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерки за обезбедување присуство против група, осомничена за Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори согласно член 215 ст.3 вв со ст.1 од КЗ, кои во текот на вчерашниот ден беа спроведени во судот, донесе решенија со кои:
Предлогот за определување мерка притвор против : Р.Т., П.З., Д.Т., В.В., А.В., Д.Џ.Х., С.С., С.М., К.К. и Ф.Р. го прифати и им определи мерка притвор во траење од 30 дена, а заради постоење основните од член 165 ст.1 т.1, 2 и 3 односно, Опасност од бегство, Околности кои укажуваат дека може да ја попречи истрагата со влијание на сведоци и Повторување на делото.
Воедно, прифатен е и предлогот за определување на мерка притвор против две лица кои се недостапни за органите на прогон, а притворот почнува да се спроведува од нивно пронаоѓање односно лишување од слобода.
Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет“, објави Кривичниот суд Скопје .
Скопје
Во текот на една недела санкционирани 𝟣𝟥𝟤 непрописно паркирани возила на територија на општина Центар
ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 13.01. до 19.01.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 132 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, извести ПОЦ.
ЈП ПОЦ и општина Центар апелираат до граѓаните да се придржуваат до пропишаните правила и прописи за безбедно однесување во сообраќајот со цел да се зачува безбедноста на останатите учесници во сообраќајот и реши проблемот со непрописното паркирање на комерцијалните и резидентните паркиралишта и улици на територија на општина Центар, соопшти ПОЦ.