Македонија
Отворен ден во прифатилиштето за бездомни кучиња на ЈП „Лајка“

Поради големиот интерес и желба на граѓаните да волонтираат и да се дружат со кучињата што се згрижени во прифатилиштето за бездомни кучиња, ЈП „Лајка“, утре (14 мај), организира отворен ден од 11 до 15 часот.
„На овој отворен ден пријавените волонтери ќе имаат можност во паркот на милениците да се дружат, односно да си играат, хранат, бањаат и да ги чешлаат кучињата од ‘Лајка’“, велат од јавното претпријатие, од каде ги покануваат граѓаните што планираат или размислуваат да удомат куче, својот миленик да го изберат од нивното прифатилиште.
На отворениот ден посетителите и потенцијални удомувачи на куче ќе имаат можност да се запознаат подобро со кучињата за кои се заинтересирани и да ги добијат сите детаљни информации и одговори на нивните прашања.
Од „Лајка“ најавуваат дека отворените денови планираат да ги организираат еднаш месечно со цел да ги доближат граѓаните до нивната работа, а истовремено да ги поттикнат сите оние што сакаат да удомат бездомно куче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За четири дена, казнети 2.131 возачи

Од почетокот на седмицата лишени од слобода 21 лице за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик, констатирани 2.131 сообраќајни прекршоци, соопшти МВР.
Во периодот од 06.10.2025-09.10.2025 како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 2.131 издадени платни налози, 411 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење.
Лишени од слобода за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик се 21 лице, од кои 19 за возење под дејство на алкохол, двајца за возење со брзина поголема од дозволената во населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, евидентирани се 642 прекршоци за неправилно паркирање, 237 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 22 санкции за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле седум возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, а санкционирани се и 66 пешаци. Исто така санкционирани се 132 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 54 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а 33 заради техничка неисправност. Санкционирани се и 28 возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии).
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, велат од МВР.
Македонија
Нобеловата награда за мир ѝ е доделена на Марија Корина Мачадо од Венецуела

Нобеловата награда за мир ѝ е доделена на Марија Корина Мачадо од Венецуела.
Норвешкиот Нобелов комитет соопшти дека таа ја добила наградата „за нејзината неуморна работа за промовирање на демократските права за народот на Венецуела и за нејзината борба за постигнување праведен и мирен премин од диктатура во демократија“.
Мачадо е опозициска политичарка, економистка и една од најистакнатите критичарки на режимот на венецуелскиот претседател Николас Мадуро. Таа е основач на движењето „Vente Vente Venezuela“ и симбол на борбата за демократски промени во земјата, позната по своите либерални и продемократски ставови.
Две децении, Марија Корина Мачадо е најпрепознатливото лице на венецуелската опозиција и симбол на борбата против режимот на Николас Мадуро. Оваа 57-годишна инженерка, поранешна членка на Националното собрание и лидерка на либералното движење „Vente Vente Venezuela“, е позната по своите непопустливи критики кон авторитарната влада и повикува на враќање на демократијата во земја уништена од корупција, инфлација и политички прогон.
На почетокот на 2000-тите, Мачадо ја основа организацијата Сумате, која се бореше за фер избори и транспарентност, поради што таа често беше цел на властите. Во јануари 2024 година, како што се приближуваа претседателските избори, Врховниот суд на Венецуела, контролиран од Мадуро, ја дисквалификуваше од политиката 15 години, забранувајќи ѝ да се кандидира за функција. Ројтерс и Би-Би-Си известуваат дека Мачадо потоа ја именуваше професорката Корина Јорис за нејзина замена на опозициската листа.
И покрај забраната, Мачадо продолжи да се појавува во јавноста, собирајќи поддржувачи низ цела Венецуела. Во јануари 2025 година, таа беше накратко уапсена по говорот во Каракас, а сведоците тврдеа дека нејзиниот конвој бил нападнат. Според Би-Би-Си, таа набрзо беше ослободена, додека властите негираа дека се случиле какви било апсења.
CNN и Ројтерс известуваат дека Мачадо се смета за клучна фигура во демократската опозиција од страна на меѓународната заедница, вклучувајќи ја Европската Унија и САД. Таа е добитничка на неколку меѓународни награди, вклучувајќи ја наградата Сахаров за слобода на мислата (2024) и наградата Вацлав Хавел за човекови права.
За многу Венецуелци, Марија Корина Мачадо останува симбол на храброст, граѓански отпор и надеж дека земјата, по години авторитарно владеење, ќе најде пат назад кон слободата и политичките промени.
Фото: ЕПА
Македонија
(Фото) Општина Центар испрати протестна нота до австриската амбасада поради паркирано возило во пешачка зона

Општина Центар – Скопје испрати протестна нота до Амбасадата на Република Австрија поради непрописно паркирање и загрозување на безбедноста на пешаците.
Во целост ја пренесуваме протестната нота, потпишана од градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
„Општина Центар – Скопје упатува најостар протест поради непрописното паркирање на дипломатско возило на австриската амбасада со регистарски таблици 22-CMD-01, кое на 8 октомври 2025 година (среда) било паркирано во пешачка зона во паркот во населбата Капиштец, во близина на улицата „Народен фронт“, наспроти угостителскиот објект „Интермецо“.
Оваа постапка претставува директно прекршување на сообраќајните правила и нарушување на јавната безбедност.
Овој простор е наменет за рекреација на граѓаните, со спортски и детски игралишта каде секојдневно престојуваат деца, млади и семејства. Со ваквото однесување се загрозува јавниот ред и безбедноста во урбаната средина.
Општина Центар потсетува дека, и покрај дипломатскиот статус на возилата, почитувањето на локалните прописи и правилата за јавен ред и безбедност е основен принцип што важи за сите, вклучително и за дипломатските претставништва во Република Северна Македонија.
Во таа насока, Општина Центар бара од Министерството за надворешни работи да ја извести Амбасадата на Република Австрија и да преземе соодветни дипломатски мерки за спречување на вакви случаи во иднина.
Општината ја користи оваа прилика да го изрази своето уверување во взаемното почитување и соработка со дипломатската заедница, во духот на добрите односи и меѓусебното разбирање“.