Македонија
Отворен модерен спелеолошки тренинг-центар во Гостивар
Гостивар доби модерен спелеолошки тренинг-центар, во кој млади спелеолози ќе можат да ги истражуваат, мониторираат и зачувуваат пештерските убавини во овој крај. Тренинг-центарот е дел од проектот „Зајакнување на локалните капацитети за истражување и конзервација на природното наследство на пештерата Убавица“, еден од вкупно 25-те грантови од Програмата за зајакнување на управувањето со заштитените подрачја, финансирана од Европската Унија и од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Во првата фаза на проектот се извршени градежни работи за реконструкција и санација на просториите на Општина Гостивар во село Вруток, по што беше објавен оглас за следење обука за спелеолошко истражување. Заинтересирани кандидати следеа интензивна обука практични вежби и предавања за истражување на ендемични видови, биоспелеолошко и геолошко истражување, како и 3Д-ласерско топографско снимање на пештерата Убавица, која се наоѓа во планините над Гостивар во околината на село Ѓоновица.

За спроведување на обуката на локалните спелеолози, имплементаторите на проектот, Спелеолошкиот клуб „Кораби“ и Општина Гостивар, поканија светски познати истражувачи од Италија од здружението „Персефоне“.
„Веруваме дека овој проект ќе помогне да се обучат многу млади спелеолози и истражувачи. Земјата изобилува со спелеолошки предизвици, богат биодиверзитет и ние сме среќни што ќе помогнеме тие млади луѓе да се стекнат со вештини, но и научни сознанија за нови спелеолошки истражувања“, изјави Иларија Вакарели – шеф на италијанскиот тим спелеолози, професор на Универзитетот во Акуила.
Проектот „Подобрување на локалните капацитети за истражување и конзервација на природното наследство на пештерата Убавица“ е дел од Програмата на Европската Унија „Зајакнување на управувањето со заштитените подрачја“, вредна 4,3 милиони евра, имплементирана од УНДП во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Од шахта на булеварот „Александар Македонски“ масивно истекуваше хемиска пена, Ѓорѓиевски: Ќе бидат преземени најстроги санкциски мерки
На социјалните мрежи се појавија фотографии за кои скопјани со право се загрижија, но и за кои ние веќе претходно преземавме мерки. Согласно издадената наредба од Инспекторатот на Град Скопје, беше извршен вонреден инспекциски надзор на булевар „Александар Македонски“ во Општина Гази Баба, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.
„Овластените инспектори на Град Скопје веднаш излегоа на терен и направија детален увид во состојбата. На лице место беше затекната алармантна ситуација, од средишната шахта на булеварот беше забележано масивно истекување на хемиска пена на јавна површина, потекната од правен субјект што стопанисува во непосредна близина.
Станува збор за сериозно нарушување на законските прописи и директно загрозување на животната средина.
Надлежните институции веднаш постапија. Земени се проби од шахтата, од површината на булеварот, како и од пеноматот во сопственост на правното лице.
Врз основа на утврдената состојба и собраните докази, кон правното лице ќе бидат преземени најстроги санкциски мерки. Никакво отстапување нема да биде дозволено, секој што го нарушува законот, ја загадува околината и го загрозува здравјето на граѓаните, ќе се соочи со целосната сила на институциите“, додаде градоначалникот.
Македонија
Без струја денеска делови од Шуто Оризари, Сарај и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.30 до 10.30 часот дел од корисниците од ул. Брсјачка Буна, Демирхисарска и Пелагонија (општина Шуто Оризари)
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците во с,Кондово кај пумпата за водовод (општина Сарај)
· во периодот од 10.00 до 13.00 часот дел од корисниците од ул.Михаил и Ефтихиј и ул.Георги Димитров (општина Кисела Вода)
Македонија
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд, особено претпладне во југозападните и јужните делови (над 25 l/m² за 24 часа). Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 11, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд со послаб интензитет. Ќе дува умерен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност ќе продолжи периодот на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Денеска во попладневните часови и во четврток врнежите ќе бидат со послаб интензитет. Во петок и во деновите од викендот повторно се очекуваат пообилни врнежи од дожд (над 30 l/m² за 24 часа), локално во форма на невреме со засилен ветер и услови за појава на грмежи. Од недела утринските и дневните температури значително ќе опаднат.

