Македонија
Отстранети 224 непрописно паркирани возила од јавните површини
Во текот на изминатата недела со специјалните возила пајак се подигнати 224 возила од јавните површини, информира Град Скопје.
Од вкупниот број непрописно паркирани и подигнати возила, 36 се отстранети од зонските паркиралишта, а преостанатите 188 возила по налог на сообраќајната полиција по основ на сторени прекршоци: паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице.
Контролорите на зонските паркиралишта во истиот период санкционирале вкупно 412 возила, поради нерегулирано паркирање, односно за неплатена паркинг-услуга. Од нив, 36 возила се отстранети со пајак службата, поради пречекорување на дозволеното време на задржување на паркиралиштето.
Градот Скопје и јавното претпријатие „Градски паркинг“ апелираат до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта.
„Апелираме сите корисници на услугите за паркирање, навреме да го регулираат плаќањето за паркинг-услугата, за да не бидат санкционирани и да не им биде поставен блокатор на тркалото. Плаќањето за паркинг-услугата може да се изврши преку СМС порака или со греб картичка“, велат од Град Скопје преку соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево
Од 06:50 ч., воведена e забрана за тешки товарни возила на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево поради обилни врнежи од снег, информира АМСМ.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Слаб снег провејува на П.Шапка кој во мометов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Денеска врнежи од дожд и од снег на планините
Под влијание на циклонска активност, денеска ќе има врнежи од дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините од снег, информира УХМР.
Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови каде се очекува да наврнат над 15 l/m² воден талог. На планините висината на снежната покривка ќе се зголеми од 10 до 15 см.
Потоа во следните денови времето ќе биде претежно стабилно со ниски утрински температури. За време на викендот ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во сабота наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.
Во Скопје, денеска ќе има повремени врнежи од дожд. Потоа ќе биде стабилно со пониска утринска температура.
Македонија
По 100 дена мандат, Ѓорѓиевски порача: „Скопје повторно почна да дише“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави отчет за првите 100 дена од мандатот, наведувајќи дека ја презел функцијата во услови на, како што рече, „град на раб на финансиски колапс – празна каса, блокирани сметки, јавни претпријатија со неисплатени плати, систем без дисциплина и долг од речиси 300 милиони евра“.
„Тотален колапс! Институции што одамна престанале да работат во служба на граѓаните“, наведува градоначалникот, додавајќи дека добил доверба од граѓаните и дека „таа доверба нема да биде изневерена“.
Според него, за три месеци се намалени обврските за повеќе од 40 милиони евра преку кратење на непродуктивни трошоци и воведување финансиска дисциплина, а стабилизирана е и исплатата на платите во јавните претпријатија.
Ѓоргиевски информира дека биле отстранети над 600 фиктивно вработени кои со години земале плата без да доаѓаат на работа, како и дека е спроведена акција за чистење во која, како што наведува, учествувале над 2.500 луѓе, стотина возила и биле отстранети повеќе од 4.500 тони отпад за 72 часа.
„Скопје повторно почна да дише“, наведува тој.

Градоначалникот посочува дека се деблокирани клучни инфраструктурни проекти, меѓу кои клучката кај „Момин Поток“, булеварот „Македонија“ со подземната сообраќајница, улиците „Љубљанска“ и „Перо Наков“, како и реконструкцијата на „Фрањо Клуз“.
Почнува изградба на нови кружни текови, булевари и монтажни катни гаражи, како и доизградба на булеварот „Борис Трајковски“.
Во делот на јавниот превоз, наведува дека со поддршка од Владата се работи на модернизација со нови еколошки автобуси и проекти за современ транспорт.
Ѓоргиевски информира и за уредување нови зелени површини, расчистување на Вардариште, изградба на Луна парк, како и за набавка на нов мебел, компјутери, интерактивни табли и прочистувачи на воздух за средните училишта. Посочува дека Скопје останува Европска престолнина на културата 2028.
Во обраќањето тој наведува дека буџетот за 2026 година е повисок и развоен, со рекордни капитални инвестиции во образование, култура, инфраструктура и животна средина.
„Наследивме долгови, но градиме стабилна иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме систем и ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта и достоинството“, наведува градоначалникот.
Ѓоргиевски упати благодарност до Советот на Град Скопје, до својот тим и до премиерот Христијан Мицкоски, наведувајќи дека „со дела, како никој во минатото покажа што значи вистинска грижа за граѓаните и вистинска поддршка за Скопје“.

