Македонија
Отфрлена кривичната пријава против Елизабета Канческа-Милевска
Обвинителството ја отфрли кривичната пријава против поранешната министерка зa култура Елизабета Канчевска – Милевска за поранешниот заменик-министер и за раководителот во министерствотото за злоупотреба на службената должност.
Како што соопшти обвинителството, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе решение за отфрлање на кривичната пријава против три лица за кривично дело несовесно работење во службата од чл.353-в ст.3 во врска со ст.1 од Кривичниот законик.
Станува збор за кривична пријава поднесена од Министерството за финансии – Управа за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, која подоцна беше доставена на надлежно постапување до Основното јавно обвинителство Скопје.
Во пријавата се наведуваше дека тројцата пријавени, во својство на министер за култура, заменик-министер за култура и раководител на сектор за финансиски прашања во Министерството за култура, во периодот од јули 2009 година до февруари 2017 година, со пропуштање должен надзор несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности. Притоа, тие спротивно на чл.581 од Законот за трговски друштва, според кој странски друштва не можат да вршат дејност на територијата на државава сè додека не организираат подружница, примиле времени ситуации – фактури од странски правен субјект „Светлост театар“ ДОО Белград, Р. Србија, во кои незаконски бил вкалкулиран данок на додадена вредност од 18%. На овој начин била извршена исплата во странство врз основа на 11 договори за извршување услуги, стоки и работи реализирани во државава, при што Управата за финансиска полиција проценила дека била нанесена штета на буџетот во износ од 2.770.640 евра.
„Постапувајќи по кривичната пријава, надлежниот јавен обвинител изврши распит на пријавените и на претставник од Министерството за култура, а беше извршен и увид и анализа во ревизорските извештаи за работата на Министерството за култура за наведените години. Во сите наведени извештаи не се констатирани неправилности во активностите и финансиските трансакции кон наведениот субјект. Дополнително, целокупната документација за исплатите кон „Светлост театар“ ДОО Белград, Р Србија одела и до Министерството за финансии и до Народната банка, преку која се вршела исплатата кон странство, и од каде во ниту еден момент не биле констатирани неправилности.
По наредба на јавниот обвинител, од страна на Бирото за судски вештачења беше изготвено економско-финансиско вештачење со кое се утврди дека за извршување на договорените работи со Министерството за култура, претпријатието „Светлост театар“ ДОО Белград, Р Србија, основало подружница во земјава со назив „Светлост театар“ ДОО Белград, Р Србија – Подружница „Светлост театар“ Скопје, запишана во Централниот регистар на 15.07.2009 година со сопствен матичен број, даночен број и приоритетна дејност. Материјалите кои како изведувач требало да ги вгради се увезувале од матичната компанија, а увозните декларации гласеле на име на подружницата. При увозот бил пресметуван ДДВ кој бил плаќан од страна на подружницата како увозник. Вештото лице констатирало дека фактурите доставувани од „Светлост театар“ ДОО Белград, Р Србија до Министерството за култура биле искажани во евра со посебно искажан ДДВ и со наведена сметка на која треба да биде исплатена сумата. Притоа функцијата на подружницата не била реализирана во целост, со оглед на тоа што фактурите биле изготвувани и доставувани од страна на матичната компанија, наместо од подружницата. На овој начин е создаден неправилен тек на парите. Меѓутоа, со исклучок на определени веќе констатирани неправилности од Управата за јавни приходи во пресметаниот ДДВ на подружницата за извршените работи, други неправилности не се утврдени. За констатираното од УЈП се составени записници, врз основа на кои се изготвени решенија со кои подружницата била задолжена со ДДВ во точен износ и тој износ веќе е наплатен. Со самото тоа не постои штета на Буџетот на државата, ниту каква било друга штета, утврди вештиот наод и мислење.
Имајќи ги предвид сите овие факти, надлежниот јавен обвинител донесе решение за отфрлање на кривичната пријава, бидејќи не постои основано сомнение дека пријавените го сториле наведеното или друго кривично дело кое се гони по службена должност”, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

