Македонија
Охридската полиција на средба со угостителите: Мерките за заштита од коронавирусот мора да се почитуваат
Со цел доследно спроведување на хигиенско-безбедносните протоколи за работа на кафетериите и угостителските објекти за исхрана во Охрид и поголема заштита од вирусот Ковид-19, денеска СВР Охрид одржа работен состанок со претставници на угостителските објекти и надлежниот пазарен инспекторат.
На угостителските работници им беше нагласена неопходната примена и строго придржување до сите одредби на Владата и комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, со цел спречување внесување и ширење на заразниот вирус, придржување до работното време и до другите одредби од Законот за угостителската дејност.
Во тој контекст, потсетувањето од Цветко Ристески, началник на Пазарната инспекција, и од претставниците на СВР Охрид, беше за неопходноста од поставување соодветни средства за дезинфекција на секоја маса, задолжителното растојание до 2 метра помеѓу масите, задолжително носење заштитни маски и зачестена хигиена на рацете за вработените во објектите, почитување на ограничувањата за дозволен број гости, послужување само на оние гости што може да седат или преку шалтер ќе подигнуваат нарачки, забрана за послужување гости на шанк и маси за стоење.
На состанокот беше укажано дека угостителските објекти не може да организираат музички настани на отворен и затворен простор и дека е задолжително менаџирање со редарски служби на влегувањето на гостите. Угостителите, свесни за опасностите и за потребата од зголемена заштита од Ковид 19, кажаа дека протоколот за работа не е комплициран, изнесоа конкретни ситуации со гостите од досегашното спроведување на безбедносните протоколи и побараа толкување со цел елиминирање на недоразбирањата со нив но и со надлежните институции што вршат контроли.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Непречен сообраќај низ државата по влажни коловози, слаб снег на Попова Шапка и Ѓавато
Од 12 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Стар Дојран, ГП Богородица и ГП Меџитлија. Од 12:20 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Ќафасан и ГП Блато, извести АМСМ.
Од 12:00 часот пред ГП Долно Блаце започнат е протест на превозници со тешки моторни возила, поради што товарниот сообраќај кон ГП Долно Блаце се пренасочува кај БП Дизел, а останатиот сообраќај се одвива нормално. Од 12 часот отпочнати се блокади и на ГП Деве Баир, ГП Делчево и ГП Ново Село, велат од АМСМ.
Сега засега блокиран е само сообраќајот за ТТВ за излез од државата додека за останатите категории на возила се одвива непречено.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено,по влажни коловози. Снег со слаб интезитет паѓа на Попова Шапка и Ѓавато кој во моментов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Карпош и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани прекини и тоа:
– во периодот од 08:30 до 15:00 часот, корисниците на улицата Ордан Поп Јорданов. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на улицата Римска. (општина Карпош)
Македонија
Променливо облачно, претпладне со повремен дожд
Претпладне променливо облачно, во источните делови со повремен локален дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините слаб снег. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во среда кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Од петок ќе преовладува променливо облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.

