Македонија
„Охрид СОС“: Општина Охрид никаде не го спомнува УНЕСКО
Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ реагира на соопштението на Општина Охрид во врска со легализацијата на објектите покрај езерото. Од „Охрид СОС“ велат дека образложението на Општината е оскудно и може да се забележи дека никаде не е споменато УНЕСКО и не се произнесува по неколкуте аргументи што зборуваат за дејствување токму во спротивност со препораките на УНЕСКО и неисполнување на акцискиот план на Владата во насока на унапредување на состојбите со Охридскиот Регион.
„Звучи како за Општина Охрид да има само еден важечки закон, и тоа оној што треба да озакони беззаконие. Зошто Општина Охрид не се повика на Законот за водите, кој забранува урбанизација во заштитениот крајбрежен појас, и тоа со добра причина, која на Општината треба да ѝ е позната уште подобро. Најпосле, зошто појасот го викате заштитен? УНЕСКО посебно го нагласи почитувањето на оваа законска одредба во извештајот на реактивната мисија“, велат од „Охрид СОС“.
Граѓанската иницијатива во реакцијата вели дека локалната власт, која доаѓа од редовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, во 2015 година жестоко се противела кога ВМРО-ДПМНЕ во парламентот протуркала законски измени токму на Законот за легализација на бесправно изградените објекти. Истиот закон овозможи легализација на стотици објекти на крајбрежјата во цела Македонија, додава „Охрид СОС“, од кои во голем дел на охридското крајбрежје, и ја укина неопходноста од мислење на Министерството за животна средина. Се чини дека од позиција на власт овој закон баш добро им се најде, оценува граѓанската иницијатива.
„Зачудува и тоа што локалната власт не чувствува никаква нелагодност со еден ваков закон. Или не го гледа апсурдот дека практично државата градела противзаконски наместо да го почитува сопствениот ред. Не би сакале да помислиме дека локалната сега на државно земјиште (ниви и пасишта) легализира приватни објекти, како што му се допушти на инвеститорот на нелегалниот хотел во Лагадин.
Нелегалното градење е не-ле-гал-но, противзаконско. Последиците од тоа се веќе очигледни и на тоа предупредуваат врвни научници, истражувачи на езерото. Затоа, и УНЕСКО повика на спречување на натамошното бесправно градење (препорака 9). А наместо тоа, власта подготвува нов закон за легализација, кој, претпоставуваме, треба да го направи овој процес уште полесен. Мислите ли дека кога УНЕСКО во истата препорака повика на ригорозна примена на законите и регулативата го имаше на ум Законот за легализацијата? Еве, ќе ја довршиме реченицата: „со цел да оневозможи какво било натамошно нелегално градење во рамките на доброто“. Принудната примена на Законот за легализацијата е само охрабрување за поголем урбанистички хаос.
Ја потсетуваме и предупредуваме Општина Охрид дека има многу слова на законот за читање. Што е со Законот за Охридското Езеро, Законот за заштита на природата, Законот за водите, Законот за животната средина, Законот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион, понатаму Конвенцијата за светско наследство, Конвенцијата за биолшка разновидност? Знае ли Општина Охрид колкава обврска е да се раководи со светско природно наследство? Знае ли Општината дека има обврска да го спречи забрзаниот процес на деградација на водите на Охридското Езеро? Колку пријави и разрешници има за неделното потпалување на трската? Што е со овие закони?
Општината толку ревносно да ги застапуваше овие закони, како што го застапува оној што ја храни и поттикнува неконтролираната и прекумерна урбанизација со катастрофални последици за сите, граѓаните ќе имаа и поголема верба и надеж во неа“, додава „Охрид СОС“ во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево со мала до умерена облачност, во наредните денови стабилно и студено со ниски утрински температури
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарјето засилен ветер од северен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 4 до 10 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Во наредните денови следува период на стабилно и студено време со ниски утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни. Во првите денови од следната седмица наместа ќе се спуштат до -10 степени. Во деновите од викендот ќе дува засилен до силен северен ветер (локално над 60 km/h).
Македонија
Бадниковата манифестација на 6 јануари: централниот настан ќе се одржи на плоштадот „Македонија“
На денешната прес-конференција, одржана од страна на Здружението „Бадникови поворки“ пред Божикната пештера на Плоштадот „Македонија“ во Скопје, беа објавени главните активности што ќе ја одбележат овогодишната Божикна манифестација, по која Македонија стана препознатлива и надвор од своите граници.
На почетокот на прес-конференцијата, координаторите на Здружението го изразија своето задоволство што, во време кога сè почесто се зборува дека вниманието на децата и младите е сè пократко, а вредностите се потиснати од брзиот ритам на живеење, токму Бадниковите поворки сведочат за спротивното. Податоците покажуваат дека интересот и учеството континуирано растат, а годинава повторно се најавува рекорден одѕив.
Според информациите кои пристигнуваат од повеќе од 80 општини и населени места низ Македонија, како и од македонската дијаспора во Италија, Австрија, Словенија и Соединетите Американски Држави, годинава се очекува уште поголемо учество и вклученост. Со тоа, Бадниковите поворки уште еднаш го потврдуваат својот карактер како манифестација што преку трајните, суштински животни вредности го обединува народот и ги поврзува генерациите.
Посебно беше истакнато дека денес веќе не е потребно дополнително да се поттикнуваат општините за организирање работилници, изработка на божикни ѕвезди, проби или хуманитарни активности – тие активности веќе станаа природен дел од празничното живеење.
Во таа насока, беше изразена благодарност до Министерството за култура, Град Скопје и сите општини кои континуирано ја поддржуваат манифестацијата и придонесуваат таа да стане препознатлива не само во земјата, туку и во регионот.
Оваа година, посебен акцент се става на збогатување на програмата, уште посилно приближување до децата и младите, како и создавање простор за најранливите категории граѓани. Во рамките на активностите, веќе се реализираат посети на домови за стари лица, каде што се организираат читања на божикни приказни, пеење божикни песни како и низа хуманитарни акции.
Планирани се и флеш-моб активности, предводени од Дарио Стојановски и млади музичари, кои ќе внесат радост и топлина во секојдневието, кога динамиката и бремето на животот често ја потиснува празничната атмосфера.
На прес-конференцијата беше претставено и иновативното решение на графичкиот дизајнер Ангел Мицевски, кој повеќе години работи на развој на трајна божикна ѕвезда – симбол на Витлеемската ѕвезда.
Дополнително, претставен беше и уметнички магнет, изработен од уметникот Драган Китановски – Драш, кој семејствата ќе го понесат како симболичен подарок од овогодинешните Бадникови поворки.
Круна на целокупната програма ќе биде големата Бадникова манифестација на 6 јануари, која ќе опфати повеќе од осумдесет градови и населени места во земјата и дијаспората. Централниот настан ќе се одржи на плоштадот „Македонија“, каде што, по завршувањето на бадниковата поворката што од 12:00 часот ќе тргне од Музејот на Град Скопје кон Божикната пештера на Плоштад „Македонија“, ќе биде изведена Божикната авантура – голема музичко-сценска изведба со учество на повеќе од 40 актери, музичари, пејачи.
По изведбата во Скопје, мјузиклот ќе биде прикажан и во Кочани, каде што потребата од надеж, поддршка и светлина е особено силна.
Здружението „Бадникови поворки“ ги повика сите заинтересирани граѓани и медиуми редовно да ги следат информациите што секојдневно ќе бидат споделувани на официјалните профили на Здружението на социјалните мрежи и веб-страницата www.badnikovipovorki.mk
Македонија
По случајот со починатото новороденче на ГАК, Комисијата за стручен надзор констатирала дека реанимациската постапка е спроведена по протокол
Комисијата за стручен надзор за случајот со починатото новороденче на ГАК констатирала дека реанимациската постапка е спроведена по протокол, соопшти Министерството за здравство.
По извршениот надзор за случајот со починатото новороденче на Клиниката за гинекологија, Комисијата за стручен надзор има донесено заклучоци, соопштија од таму.
„Врз основа на целокупната медицинска документација, исказите на медицинскиот персонал и обдукцискиот наод, Комисијата за стручен надзор заклучи дека се работи за предвремено новороденче, со тешка конатална инфекција, респираторен дистрес и нарушена белодробна функција поради незрелото белодробие и инфламаторен процес во рамки на инфекција, со наод на спонтан, парцијален пнеумоторакс, радиолошки верифициран во првите часови по раѓањето.
Поради тежината на состојбата и посочените ризици новороденчето е поставено на механичка вентилација четири часа по раѓањето и поради конатална инфекција веднаш е поставено на антибиотска терапија.
Во текот на лекувањето е индицирана промена на антибиотската терапија со оглед на лабораториските наоди во прилог на септична состојба .
Поради влошување на состојбата било индицирано реинтубирање од дежурен лекар поради појава на масивен десностран пнеумоторакс, итно е поставен торакален дрен и уредно е спроведена реанимациска постапка по протокол“.

