Македонија
„Охрид трчаТ“ на полумаратон во Бања Лука

Спортската манифестација „Охрид трчаТ“ беше дел од јубилејниот петти полумаратон кој се одржа во Бања Лука, Босна и Херцеговина. Настанот број еден во Охрид имаше успешна презентација и промоција пред учесниците на експото и самата трка, која се одржа по улиците на градот.
„Со организаторите на полумаратонот во Бања Лука разменавме искуства и мислења, што ќе биде добредојдено за третото издание на Охрид трчаТ и за понатаму. Гости на полумаратонот имаше од сите трки од регионов и задоволство беше да се присустува и разговара со нив“, изјавија преставниците од Охрид трчаТ. Презентацијата на полумаратонот во Бања Лука беше трета за краток временски период на Охрид трчаТ. Атлетската манифестација од Охрид активно беше дел од полумаратоните во Мостар и Дубровник”, соопштија организаторите.
Охрид трчаТ ќе се одржи на 31 мај, 1 и 2 јуни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Ова ќе продолжи“ – Според Мицкоски зад пожарите стојат центри на моќ од земјата и од надвор

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека пожарите кои во изминатиот период избувнуваат низ државата, меѓу кои и вчерашниот во магацинот за електронски отпад во Трубарево, не се случајни, туку се организирани од „центри на моќ“ во земјава и надвор од неа.
Мицкоски верува дека вакви подметнувања и диверзии ќе има и во периодот што следи, затоа што постојат центри на моќ во државата, но и надвор од неа, кои не сакаат оваа Влада да успее, но рече дека ќе се борат против тоа.
„Ова што се случуваше летото и што сега се случува ќе продолжи, затоа што некој има интерес ова да продолжи“, рече премиерот.
За рециклаторниот центар на „Ф-Групација“ кажа дека има лиценца за управување со отпад издадена во 2021 година со важност до 2031, но дека условите под кои работат ваквите објекти треба да се преиспитаат.
„Ако мене ме прашувате, тоа не се услови под кои треба да работат. Сите хибридни напади ќе ги таргетираат овие слаби страни,“ рече премиерот.
Во пожарот што вчера попладне зафати рециклаторен центар на „Ф-Групација“ во Трубарево, каде што бил складиран електронски отпад, батерии и акумулатори, повредени беа четири лица – жителка на Трубарево која и понатаму е хоспитализирана на Клиниката за токсикологија со симптоми на вртоглавица и кашлица, еден полицаец, припадник на АРМ и директорот на ЦУК, Мухамед Али. Тројцата се пуштени на домашно лекување, а сите се надвор од животна опасност.
Македонија
Учениците од училиштата во близина на Трубарево една недела ќе следат настава онлајн, кажа Алиу

Министерот за здравство, Азир Алиу, изјави дека основните училишта што се наоѓаат во непосредна близина на местото на пожарот во Трубарево ќе преминат на онлајн настава во траење од една недела.
За точката ќе се дискутира на денешната владина седница.
Мерката е препорачана со цел заштита на учениците и наставниот кадар од можни здравствени ризици по горењето на електронски отпад и пластика, а се работи за најблиските четири училлишта во околината.
Алиу појасни дека во реално време се следи квалитетот на воздухот преку повеќе мерни станици и дека бројките засега не покажуваат потреба за дополнителни ограничувања, иако на терен се чувствува миризба од чадот.
Македонија
ИЈЗ: Нема радиоактивни отстапувања по пожарот во Трубарево, граѓаните да ги почитуваат препораките

По пожарот во Трубарево, каде што гореше складиште за електронски отпад, директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, изјави дека ова е ситуација со која државата за првпат се соочува и повика таа да не се политизира и да не се создава паника.
Андоновска нагласи дека сите институции работат во рамките на своите надлежности и се координираат меѓусебно. Таа истакна дека Институтот издал општи препораки во согласност со меѓународните стандарди и дека нивното почитување, особено од страна на ранливите групи, може да помогне да нема здравствени последици.
„Како Институт сме обврзани да вршиме мониторинг на радијацијата и располагаме со современа опрема. Имаме 12 мерни станици кои во секунда покажуваат дали има отстапувања. Во моментов нема никакви отстапувања што се однесува до радиоактивност во воздухот“, изјави Андоновска.
Таа додаде дека ќе се вршат проверки и на почвата и водата, како и на алтернативните извори на вода што ги користат граѓаните. Појасни дека мерењето на квалитетот на воздухот не е во рамки на ИЈЗ, туку тие се задолжени за радиоактивност во воздухот и физички и хемиски својства во почвата и водата, а во тој дел нема отстапувања.
Апелира граѓаните внимателно да ги следат веќе дадените препораки.