Македонија
Павле Трајанов: Избори без техничка влада
Пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз објави дека на денешната лидерска средба се залагал за избори без техничка влада, Македонија да биде една изборна единица, а вториот круг од претседателските и парламентарните избори да се одржи во ист ден.
„Прво, евроинтеграциските процеси на Македонија се во сериозен застој поради тоа што во изминатите седум години СДСМ и ДУИ не спроведоа темелни реформи во ниедна област, не воспоставија систем на владеење на правото, ја криминализираа државата, а ги партизираа сите институции, почнувајќи од Уставниот суд, па сѐ до најниско ниво. Секојдневно медиумите, невладиниот сектор и политичките партии објавуваат криминални афери, а надлежните институции ниту еден крупен случај не открија затоа што се блокирани од партиите на власт.
Со измените на Кривичниот законик, ДУИ и СДСМ го урнисаа правниот систем и обезбедија амнестија за актуелните и за поранешни носители на високи функции. Овде, покрај партиските интереси, треба да се проучат и коруптивните елементи. Уставните измени со кои се предлага Бугарите да бидат внесени во Уставот веќе една година и шест месеци се користат за манипулација на јавноста и дискредитација на политичките опозициски партии пред меѓународниот фактор.
Во оваа насока, без да се менува преговарачката рамка, предлагам сите партии да побараме од Европската Унија, со заклучок на Советот на Европската Унија, македонскиот јазик да биде официјален по приемот на Македонија во ЕУ, билатералните прашања вградени во преговарачката рамка да не може да бидат основа за блокада на евроинтеграциите на Македонија и да се задолжи Бугарија да ги имплементира одлуките на Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур во врска со правата на Македонците во Бугарија на здружување и формирање културни домови, здруженија и политички партии.
Само со вакви гаранции и реципроцитет можеме да ги заштитиме нашите национални и стратешки интереси. Мораме како народ да покажеме цврстина и единство.
Второ, потребни се коренити реформи на изборните правила и создавање услови за рамноправен политички натпревар. Македонија да биде една изборна единица како темелна основа за промени и демократизација на државата. Измените на Изборниот законик, со кој се предлага Македонија да биде една изборна единица, во јуни во првата фаза ги гласаа „за“ сите партии, што значи има целосен консензус, но сега повторно овие измени се блокирани од ДУИ. Да ги изгласаме овие измени, како и измените предложени од ОБСЕ и ОДХР, и да одиме на избори.
Трето, вториот круг од претседателските и парламентарните избори да се одржи во ист ден сѐ со цел да не се создадат политички и безбедносни проблеми. Техничката (пржинска) влада е непотребна и само на власта ѝ одговара да ја релативизира одговорноста за катастрофалните состојби во државата, колапсот на институциите и секојдневниот грабеж на народот.
Инаку, со актуелниот состав на Владата прекршени се Охридскиот рамковен договор и Уставот на Македонија за соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници и со технички премиер од редовите на ДУИ дополнително ќе се наруши етничкиот баланс, што ќе се рефлектира и на меѓуетничките односи.
Мој предлог е оваа Влада, во овој состав, до продолжи со работа до парламентарните избори“, вели Трајанов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

