Македонија
(Видео) Пазарџиите во знак на протест повторно го блокираа булеварот кај Бит-пазар
Пазарџии денеска втор ден по ред го блокираа булеварот Крсте Мисирков во знак на протест против одлуката на општина Чаир и Градот Скопје да ги дислоцираат трговците со цвеќиња зад поликлиниката „Бит-пазар“.
Тие го блокираа сообраќајот во еден правец, од Чаир кон Центар. Велат дека се незадоволни од одлуката на градските власти да ги пренесат кај поликлиниката, затоа што, според нив, таму нема место за сите. Повеќето од нив, како што рекоа, стравуваат дека ќе останат без работа. Сакаат што побрзо да се реши целиот случај бидејќи, како што велат, многу семејства егзистираат од тезгите на пазарот. Најавија дека ќе има мирни протести сè додека не се најде соодветно решение. На местото каде што се протестира е забележано присуство на полицијата.
„Нема каде да одиме, ако не не остават овде нема што да правиме. Сите луѓе што се тука избркани имаат семејства кои треба да ги прехранат. Има луѓе кои се повеќе од 35 години тука, се бориме за ова место бидејќи јадеме леб од тука. Сакаат да нè избркаат па после да најдат решение, тоа не оди така. Прво треба да најдат решение, па после да не сместат. Тука сме 400 луѓе и нема тезги за сите“, вели Кемал Ибраими сопственик на неколку тезги.
„Изведувачите треба да имаат нормативен акт, да знаеме колку дена ќе трае целата реконструкција, имаме голема загуба, кој ќе ни ја надомести, вака не оди. Нè преместија зошто таму треба да се гради, веќе 4 дена сме тука. Ни ветија дека ќе се вратиме на местата каде што бевме, но после градењето кое заврши за 18 месеци. Овде сме кратко време, можеби уште месец или два, потоа треба да најдеме решение каде ќе одиме. Тука не може да се работи, нема услови за работа, нема вода ниту канализација, на паркинг сме, а плаќаме 20 илјади денари по тезга“, велат продавачите на цвеќиња чии тезги се префрлени позади поликлиниката на паркинг кој е во сопственост на џамијата.

Општина Чаир и Град Скопје вчера во меѓусебна координација започнаа со дислокација на трговците што се занимаваат со продажба на цвеќиња по должината на булеварот Крсте Мисирков. Продавачите се дислоцирани зад поликлиниката „Бит-пазар“, каде што никна нов цветен пазар, со цел, како што соопшти Општината, да се иницира решение за хаосот што се предизвикува на булеварот и справување со ситуацијата со јавните површини во општината.

Од Градот Скопје, пак, информираа дека за сите трговци на нелегално поставените тезги на овој потег обезбедиле простор на новата локација под одредени поволни услови.
На местото каде што до вчера се продаваа цвеќиња, планирано е да се изгради такси-станица.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

