Македонија
Панел-дискусија „НАТО – повеќе од алијанса за стабилност и безбедност“
Комисијата за одбрана и безбедност, во соработка со Министерството за одбрана и Амбасадата на Република Словенија во Република Македонија, организираа панел-дискусија на тема „НАТО – повеќе од алијанса за стабилност и безбедност“.
Овој настан е во рамките на официјалната посета на Република Македонија на министерот за одбрана на Република Словенија, Карл Ерјавец.
Отворајќи ја панел-дискусијата, претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, Хари Локвенец, рече дека оваа Влада минала низ болен процес на преговори со Грција и со макотрпен пат за интеграција во НАТО. Вратен е меѓународниот углед на нашата држава која се водеше од политиката на решавање, а не создавање проблеми. Нашата земја, рече тој, е достоен партнер за НАТО.
Емилија Александрова од независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, рече дека оваа пратеничка група ги поддржа измените во Уставот и сметаат дека Република Македонија е на сигурен пат кон членство во НАТО. Додаде дека, сепак, договорот од Преспа е само прв чекор, а сега нè очекува вистинската работа.
Илија Николовски од Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија се заблагодари на поддршката на Република Словенија, која ќе биде следна земја за контакт во НАТО.
Реџаиљ Исмаили од пратеничката група на ДУИ посочи дека не било лесно за две години да се исполнат сите заложби за нашето членство во НАТО и изрази надеж дека во јуни или јули Македонија ќе го добие заслуженото 30. место во НАТО.
Илија Димовски од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ рече дека Република Македонија мораше да плати посебна цена за да стане членка на НАТО. Тој не се сомнева во капацитетот на институциите за реализирање на заложбите и задачите и се надева на брзо зачленување во НАТО.
Министерот за одбрана на Република Словенија, Карл Ерјавец, рече дека како министер бил сведок на самитот во Букурешт во 2008 година. Според него, сега Македонија има брз двегодишен напредок и е пример во регионот за храбро лидерство и граѓани кои на референдумот во големо мнозинство избраа да живеат во евро-атлантска иднина. Карл Ерјавец посочи дека по приемот во НАТО, Словенија станала дел од безбедносната рамка, што ја направи и посигурна бизнис-средина. Министерот го изрази своето задоволство што Македонија, конечно, ќе стане членка на НАТО.
Никола Димитров, министер за надворешни работи, рече дека дебатата се одвива во клучно време кога се прават последните чекори за реализација на една желба и амбиција, а тоа е членство во НАТО.
„18 години по формирањето на Вилнус-групата кога било потенцирано дека Европа нема да биде цела и стабилна додека сите земји членки на групата не станат и членки на НАТО, Македонија, но и соседите и регионот, се пред самата цел, која ќе почне со ратификацијата на договорот во грчкиот парламент. Членството во НАТО не значи само силна армија, туку и силна демократија и институции, сигурна и просперитетна држава“, рече Димитров.
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, рече дека политичката волја на Владата ќе била пуста желба доколку Собранието не било подготвено да создава политики на 21 век.
„Македонија како ретко кога успеа да се покаже во најдобро можно светло. Членството во НАТО за Македонија ќе има брзи ефекти и во економијата бидејќи, ако нема безбедност, нема ни просперитет. Прашање на недели е кога во Парламентарното собрание на НАТО нема да бидеме само на минување, туку ќе седнеме и ќе го заземеме заслуженото место“, рече Шекеринска.
Заклучувајќи ја панел-дискусијата, амбасадорот на Словенија, Милан Јазбец, рече дека процесот бил долг, но Македонија ќе стане 30. земја членка на алијансата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска на Саем за образование и кариера: одлична идеја за промоција на македонското високо образование
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска присуствуваше на отворањето на Саемот за образование и кариера 2026, што трета година по ред го организира студентската иницијатива Студентарија во соработка со Скопје Сити Мол. Во своето обраќање преку присутните посочи дека станува збор за одлична идеја за промоција на македонското високо образование и за поврзување на високообразовните установи со компаниите и бизнис секторот, а со крајна цел – олеснување на младите во изборот на областа каде ќе се надградуваат и работат.
„Гледам млади луѓе во голем број – средношколци кои треба да одлучат на крстопатот во кој правец ќе се движат, студенти кои ќе продолжат да се надградуваат, а некои се во потрага по можности за вработување и кариера во сопствената земја. Од друга страна, има и компании кои им ги нудат тие можности на младите и јас во оваа прилика ги повикувам и сите останати да ги отворат вратите, да ги подобруваат материјалните и нематеријалните услови за работа, бидејќи само така ќе ги задржиме во нашите граници и ќе им овозможиме да успеат лично и да придонесат за нејзиниот развој“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека верува во подобра иднина за македонското високо образование, а тоа е цел за која Владата интензивно се заложува во досегашниот тек на мандатот.
„Ќе ја постигнеме оваа цел преку континуиран раст на буџетот и преку усвојување и спроведување на ново законско решение, кое е во фаза на подготовка во заедништво со универзитетите и пошироката јавност. Истиот ќе воспостави ред, нови студиски програми, модернизација на постојните, поголема меѓународна соработка, подобар студентски стандард и раздвижување на научната дејност“, додаде Јаневска.
Изрази очекувања дека саемот ќе прерасне во традиција и ќе биде успешен затоа што, како што рече, се работи за иницијатива на млади луѓе од Македонија кои ја сакаат државата, и се посветуваат за подобрување на состојбите во својата татковина и на задржување на новите генерации во овие граници.
Македонија
Ѓорѓиевски-Варнс: борбата против корупцијата, демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа во фокусот
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска оствари средба со вршителката на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија, Никол Варнс.
На средбата беше изразена подготвеност за продлабочување на досегашната соработка, со посебен акцент на борбата против корупцијата, унапредувањето на демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа.
Градоначалникот ги презентираше и тековните проекти на Град Скопје во областа на сообраќајната инфраструктура, јавната хигиена и зелените површини.
Соговорниците разговараа и за продлабочување на соработката меѓу збратимените градови преку образовни и културни размени, како и за реализација на идни заеднички проекти насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Македонија
Герасимовски: Стихови и музика во Центар, објавен е јавен повик за реализирање на Светскиот ден на поезијата
Општина Центар објави Јавен повик за реализација на проектот „Светски ден на поезијата“, со цел достојно одбележување на 21 Март, денот кога ширум светот се слави поетскиот збор.
Настанот има за цел да ја афирмира македонската поезија, да ја истакне нејзината вредност и да го потврди безвременскиот карактер на делата на македонските поети.
Во рамките на проектот се предидени содржини што ќе го спојат поетскиот израз со соодветна музичка поддршка, создавајќи автентично уметничко доживување за публиката.
„ Општина Центар особено внимание посветува на проектите од областа на културата , афирмацијата на македонскиот јазик и творешвото. 21 Март, Светскиот ден на поезијата, но и на пролетта, ќе го прославиме со стихови и музика, како што доликува. Ги повикувам сите креативци, љубители на поетскиот збор да се пријават и да ни се приклучат во организирање на овој убав настан“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Рокот за поднесување на пријавите е 5 дена од денот на објавување на Јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар.

