Македонија
Пановски предупредува: Се шират лажни видеа со мојот лик, не купувајте такви производи
Микробиологот, професор и доктор Никола Пановски преку објава на Фејсбук предупреди дека повторно се шират лажни видеа и реклами со неговиот лик и име, во кои се промовираат различни производи.
„Никогаш не сум рекламирал, не рекламирам, ниту некогаш ќе рекламирам било каков производ. Кога ќе го прочитате моето име или ќе ја видите мојата слика покрај некој производ, а во последно време и видеа, сè е тоа злоупотреба. Ако има интервју – тоа е измислено. Не купувајте го тоа ѓубре“, напиша Пановски.
Тој ги повика граѓаните да не купуваат, како што наведе, „лажни препарати“ и да не ги „богатат криминалците“, додавајќи дека државата досега не презела соодветни мерки за заштита од ваквите злоупотреби.
„Државата со прст не мрдна да не заштити. Злоупотребата продолжува“, вели Пановски.
Тој посебно предупреди дека е опасно прекинувањето на редовната терапија пропишана од лекари и нејзино заменување со вакви производи, особено кога станува збор за терапија за дијабетес.
„Ве молам, споделете го ова и секое видео со мојот лик пријавете го како лажно. Не купувајте, а ако сте купиле – фрлете го“, апелира Пановски во објавата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево со мала до умерена облачност, викендот постудено со локални слаби врнежи од дожд и снег
Времето утре, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. По одделни котлини во утринските часови ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево и тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во деновите од викендот ќе преовладува променливо облачно и постудено време со локални слаби врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините.
Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање. Потоа до средината на следната седмица времето ќе биде стабилно и суво.
Македонија
Утре без вода дел од општина Центар
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( петок ) поради изведувзње на водоводен уличен дефект Ф200мм. на улица Димитар Чуповски 27 (позади гимназијата Јосип Брос Тито), со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Димитрие Чуповски и Мито Хаџивасилев Јасмин.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување на работните активности.(општина Центар)
Македонија
Претреси на повеќе локации поради сомнежи за даночна измама од поголеми размери
Од попладнево, под раководство на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), истражители од истото обвинителство, со асистенција на полициски службеници од МВР, вршат претреси на повеќе локации низ државата.
Како што наведува ОЈО ГОКК, се обезбедуваат лица осомничени за злосторничко здружување, перење пари, даночна измама и даночно затајување од поголеми размери. Oд она што досега е познато, вклучени се и вработени во Управата за јавни приходи.
Повеќе информации се најавени во текот на денот.

