Македонија
Партиите поделени за изборот на Џафери: СДСМ го прифаќа, ВМРО-ДПМНЕ гледа ДУИзација на државата
За СДСМ е прифатлив предлогот на ДУИ, Талат Џафери да биде технички премиер кажа пратеничката Даниела Маркоска и потврди дека координаторот на пратеничката група Јован Митрески да биде потврдена за кандидат за претседател на Собранието.
„Сметаме дека Талат е соодветно и добро решение. Претседателот на партијата Димитар Ковачевски, за во недела закажа состанок на раководството на СДСМ. На овој состанок од страна на претседателот Димитар Ковачаевски се очекува Јован Митрески да биде предложен за Претседател на Собранието и потврден од страна на раководството и Извршниот одбор на СДСМ“, рече Маркоска.
Согласни се и од Алијанса за Албанците.
„Ова е договор меѓу ДУИ и СДСМ од почетокот на мандатот. За нас тоа е симболика, секако ќе го поддржиме. Мислам дека секоја албанска партија, па и сите, треба да покажеме широкоградост во овие моменти и да продолжиме понатаму да имаме успешни избори“, изјави Арбен Таравари, претседател на Алијанса за Албанците, прашан дали е прифатлива за неговата партија одлуката Талат Џафери да биде технички премиер сто дена пред изборите во 2024.
За ВМРО-ДПМНЕ, пак, ова покажало дека ДУИ е власт, а СДС подизведувач.
„Џафери или командант Форина во 2001 година дезертирал од македонската Армија и преминува во УЧК. А јавноста е сведок и на низа прекршувања на собраниски процедури од страна на Џафери, како употреба на европското знаменце на закони кои немаа врска со европската регулатива, само имаа врска со криминалиите на ДУИ, заклучување на вратите на пленарната сала за да не можат другите пратеници да се пријават за дискусија за дневниот ред, како и недоличното однесување и навредување кон собраниските службеници, се наведува во соопштението на партијата. На Македонија и се случува ДУИзација, а Ковачевски е директно одговорен за тоа. Има ли некој од СДС што му останало барем грам достоинство за веднаш да му се спротивстави на Ковачевски?“, пишуваат од опозициската партија.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев преку својот фејсбук-профил реагира на номинирањето на претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери за премиер на техничката влада. „Учката“ ќе добие кривична пријава, а најинтересно е што ДПМНЕ ќе го гласа, вели Апасиев.
„Крунисувањето на учката за премиер ќе му го честитаме следната недела со нова кривична пријава (за ускратувањето на пратеничкото право на амандмани). Туку, најјако во целава ситуација е тоа што и ДПМНЕ во јануари ќе ја гласа поржинската влада (оти и они ќе имаат министри во истата). Избирањето воен злосторник за премиер е последната шајка во ковчегот на изгубениот СДС. После ова, таа партија е осудена на распаѓање и пасокизација, оти нема им да остане ниту еден здраворазумски и воспитан човек“, напиша Апасиев на Фејсбук.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја делови од Центар, Кисела Вода, Сопиште, Гази Баба и Карпош
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.00 до 16.00 часот, корисниците од ул. Мирослав Крлежа лоцирани позади грчка амбасада, како и стамбените објекти и локалите на бул. Партизански Одреди од бр. 19 до бр. 23, општина Центар;
– во периодот од 08.30 до 13. 40 часот, корисниците од ул. Јустинијан Први лоцирани на потегот од маркет Вајота кон село Студеничани, општина Кисела Вода;
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. 8, како и дел од корисниците од ул. 12 во село Долно Соње, општина Сопиште;
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од улиците 30, 36 и 38 во населба Трубарево, општина Гази Баба;
– во периодот од 09.30 до 12.00 часот, корисниците од бул. Партизански Одреди бр. 70Б – ТЦ АЛУМИНКА, општина Карпош;
-во периодот од 11.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Женевска, општина Карпош.
Македонија
Времена измена во сообраќајот на делницата клучка Миладиновци – клучка Петровец
На 23/24.02.20026 на Автопат А-1 делница клучка Миладиновци – клучка Петровец ќе се одвива времена измена во сообраќајот поради технички изведувања од ДПТУГ Електра Груп ДООЕЛ, кај клучка Аеродром, во дневен период од 6 до 8 часа, сообраќајот ќе се одвива во сообраќајните ленти за претекнување, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локален дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд. Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен денеска кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд. До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.

