Македонија
Партиите продолжуваат со меѓусебни обвинувања за бројот на новозаболени
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ преку соопштенија меѓусебно продолжуваат да се обвинуваат за состојбата предизвикана од Ковид-19 и бројот на новозаболени во државата.
Додека власта бара вина кај министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, поради недејствување од страна на полицијата за непочитувачите на мерките, од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека за состојбата виновни се лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и министерот за здравство, Венко Филипче, на кои приоритет им било одржувањето избори.
„Наќе Чулев е закана за здравјето, неговата неодговорност поттикна прекршување на мерките и забраните. Христијан Мицкоски, Наќе Чулев и кадрите на ВМРО-ДПМНЕ свесно го рушат системот за заштита од коронавирусот и предизвикуваат негово натамошно ширење. Целата јавност сведочеше на масовно непочитување на мерките и забраните додека полицијата на Чулев не преземаше ништо. Тоа придонесе прекршувањата на мерките и задолженијата за заштита од коронавирусот да станат помногубројни, што директно влијае врз зголемувањето на бројот на новозаболени од коронавирус“, велат од СДСМ, од каде што бараат Чулев веднаш да поднесе оставка.
Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ во соопштение наведува дека во ситуација со рекорно заболени лица, СДСМ и Заев уште зборуваат за избори на 5 јули.
„Македонија е рекордер во регионот на милион жители и по број на заразени и по број на починати лица. Од друга страна, веќе сме рангирани на 103. место во светот, односно сме на листата на небезбедни држави во однос на справување со епидемијата. И самите граѓани во Македонија сметаат дека исклучително лошо се справуваме со епидемијата во однос на земјите во регионот, кои бележат далеку подобри бројки во однос на Македонија. Тоа не е доволно за СДСМ да се откаже од идејата да се одржат брзи избори со цел да се намали изборниот пораз и на тој начин да се спаси кариерата на Зоран Заев. Народот гледа дека, наместо здравјето и животите на луѓето, битна им е политиката на Заев, Филипче и СДСМ, кои пред две недели прогласија нова нормалност. Во ситуација кога и во СДСМ се создава кластер на заболени, кога носат мерки за карантин на поголемите градови, а нивните функционери заминуваат во викендици и во хотели, Заев и Филипче размислуваат само на своите партиски интереси“, наведува ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до јавноста.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 3.152, бројката на оздравени пациенти е 1.653, на починати 156, а во моментот бројот на активни случаи во земјата изнесува 1.343. Вчера беа регистрирани 127 нови случаи на Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.
Македонија
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академија за судии и јавни обвинители
Денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академијата за судии и јавни обвинители, со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка, размена на знаења и искуства, како и зајакнување на професионалните капацитети во областа на уставното право и правосудниот систем.
Со Меморандумот се предвидува организирање на заеднички обуки, семинари, конференции и други стручни настани, како и размена на експерти и едукативни материјали. Посебен акцент ќе биде ставен на унапредување на знаењата на идните судии и јавни обвинители во областа на уставно-судската практика и заштитата на човековите права и слободи.
„Откако сум претседател на Уставниот суд ова е трет Меморандум за соработка којшто го потпишуваме со институции на државата. Првиот беше со Правниот факултет, вториот со Здружението на правници. Очекувам најдинамична соработка со Академијата. Уставниот суд изминатите две години се соочи со природен одлив на промена на генерации. Стручната служба е р’бетот на Уставниот суд. Новата стручна служба има потреба од дополнителни знаења за да го достигне квалитетот што овој суд го имаше до пред две години. Токму во оваа насока го гледаме начинот на соработка, да нашите вработени од службата посетуваат предавања за доусовршување на Академијата. Но, идните кандидати за судии или обвинители може да имаат бенефит од знаењето и искуството кое уставните судии може да го пренесат, особено во примената на меѓународните права’, изјави претседателот Костадиновски.
Директорката на Академија за судии и јавни обвинители, Стрезовски, истакна:
„Денешното потпишување на Меморандумот претставува значаен чекор, поврзаноста на институциите подразбира партнерство, пред се’ во функција на владеење на правото. Можност на советниците на Уставниот суд да доаѓаат во Академијата а уставните судии да вршат обуки и предавања. За Академијата ќе претставува унапредување на наставните програми и обуки за примена на највисоките стандарди, изјави директорката Стрезовски.

