Македонија
Партијата на косовскиот премиер Албин Курти најавува учество на изборите во Македонија
Косовската партија Самоопределување на косовскиот премиер, Албин Курти, најави дека ќе биде дел од албанската опозиција на изборите во Македонија.
Денес на плоштадот „Скендербег“, Европскиот Сојуз за Промена ја отвори заедничката канцеларија на коалицијата. На отварањето учествуваа претседателите на трите партии: Алтернатива, Движење Беса и Демократско Движење, каде им се приклучи Движењето Самоопределување од Косово, со нејзиниот претставник Беким Ќоку, кој му е советник на Курти.
Изет Меџити меѓудругото истакна: „Ме радува фактот дека на овој убав сончев ден, во нашиот опозициски фронт се приклучи и Движењето Самоопределување, и дека после промената во Косово и во Прешевска долина, заедно ќе ја носиме долгоочекуваната промене и кај Албанците во Северна Македонија.“
Билал Касами пред присутните изјави: „Нашата Влада ќе биде поинаку, како што сме денес во оваа канцеларија во доста фреквентно место, меѓу вас, вака заедно со вас ќе го правиме и владеењето, одејќи кај граѓаните за да сме поблиску до нив и да ги решиме нивните грижи и потреби“.
Африм Гаши додаде: „Добродојдовте на отварањето на оваа канцеларија во срцето на Чаршијата, секоја темна ноќ има и зора, секоја студена зима ја очекува пролетта, и тука кај нас на 8 Мај и дефинитивно ќе доаѓа албанската пролет и сите заедно во оваа канцеларија ќе ја прославиме големата победа“
Беким Ќоку, советник на Премиерот Албин Курти меѓу другото кажа: „Движењето Самоопределување станува четвртиот столб на овој опозициски фронт за да ја донесе долгоочекуваната промена во Северна Македонија. Тука денес се обраќам и како поранешен член на Алијансата за Албанците, знаејќи го духот и менталитетот на оваа партија, ги повикувам да бидат дел од оваа победничка коалиција за заеднички да ја направиме големата промена.“
Инаку, оваа канцеларија ќе биде отворена за сите граѓани и ќе служи како центар за организација на активности на Европскиот Сојуз за Промена, беше најавено на настанот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсен врховен судија поради сомненија за примање поткуп
Врховниот судија Наке Георгиев е уапсен поради сомнеж за примање поткуп.
„Денеска 20 мај, лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради сомневања за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, велат од МВР.
Засега не е позната локацијата каде што е приведен судијата, ниту пак, за колкава сума станува збор.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.
Македонија
Сиљановска Давкова се сретна со украинската амбасадорка Дир
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
На средбата, беше изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност.
Двете соговорнички разменија мислења и за стратешките определби и перспективите на двете земји, истакнувајќи ја потребата од натамошна заемна помош, споделување искуства и експертиза. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.
Амбасадорката Дир, упатувајќи честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова ѝ посака успешно извршување на функцијата.