Македонија
Домати, компири и јајца фрлаа кон нас, сведочи Шиповиќ за „Шлаканиците во Центар“
Поранешниот претседател на Советот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ, во денешното сведочење на рочиштето за случајот „Насилство во Центар“, рече дека во текот на двете седници на Советот одржани на 7 и 10 јуни 2013 година, на чија точка на дневен ред бил ДУП-от со кој е засегната црквата „Св. Константин и Елена“, се соочувале со големи притисоци и напади од страна на граѓаните што биле собрани во дворот, а цело време полицијата не преземала ништо во врска со тоа.
„Фрлаа со сè и сешто – домати, компири, јајца и што уште не. Индикативно беше тоа што секогаш кога и да кажев почнуваме со работа, толпата се разгневуваше, а кога седницата требаше да се стопира, уште пред да кажам пауза, тие се смируваа“, сведочи Шиповиќ.
Тој истакна дека четворица советници од ВМРО-ДПМНЕ биле константно со телефоните на уво за време на седницата иако тој ги опоменувал. Како што вели Шиповиќ, станува збор за советниците Даниела Рангелова, Сашо Трпевски, Томе Лазаров и уште еден советник Јоцо за кој не го знае презимето.
„Кога толпата разбра дека од страната каде што маваат по прозорците седат советниците од ВМРО-ДПМНЕ, се префрлија од другата страна, каде што беа сместени советниците од СДСМ и коалицијата“, рече Шиповиќ.
Поранешниот претседател на Советот во Центар, меѓу другото, рече дека во тој период разбрал оти протестите се организираат од страна на невладината организација „Веритас“.
Шиповиќ во судницата препозна еден од обвинетите дека присуствувал на нападите врз Општината на 7 и 10 јуни 2013 година.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег.
Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.

