Македонија
Патот од Љубаниште кон Охрид делумно прооден, сообраќајот се одвива наизменично

По синоќешното невреме кое предизвика одрони на патот Охрид-Свет Наум, од 22:00 часот на овој регионален пат кај с.Љубаниште, сообраќајот сега се одвива со наизменично пропуштање на возилата, јавуваат од АМСМ.
Утрово сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица е отворен за сообраќај за возила со дозволена носивост до 3.5 тони.
Времен режим на сообраќај поради изведување градежни активности има на делницата Струмица – Дабиље, на автопатот А2 делница Скопје -Тетово, на Државен пат А1, во насока од Демир Капија кон Неготино каде што има промена на режимот на сообраќај со целосно затворање на автопатот на клучката Демир Капија, а сообраќајот е пренасочен на Регионалниот пат Р1102.
Градежни работи се озведуваат и на автопатот А1 делница Петровец – Катланово, на државен пат А2, делница Миладиновци – Хиподром, на државен пат А1, делница Велес – Неготино. Времениот режим ќе се применува во двата правци на автопат Е-75. Сообраќајот ќе се одвива непречено, со брзина од 80km/h во зоната на градилиште. Режимот ќе се применува се до целосна изградба на новата клучка Градско.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Салиу: Промена во Шуто Оризари мора да има

Кандидатот за градоначалник на Шуто Оризари, Шабан Салиу, во предизборно видео обраќање повикува за промена и за враќање на локалната власт во Шуто Оризари кон реални резултати и отчетност.
„Осум години слушаме едно исто: големи зборови, мали дела“, порачува Салиу.
Осврнувајќи се на политичката недоследност на актуелното раководство, тој додава дека „Курто Дудуш денес не знае ни од која партија е. Те СДСМ, те ЛДП, те ДОМ, те ДУИ и која уште не.“
Во видео пораката, Салиу нагласува дека промена во Шуто Оризари мора да има, промена за подобра инфраструктура и урбан развој.
„Промена за подобро образование, култура и идентитет. Промена за подобро здравје и социјална заштита. Промена за подобра локална економија и нови работни места. Промена за зелено и транспарентно Шуто Оризари“, додава Салиу.
Салиу нагласи дека неговата кампања е заснована на мерливи цели и институционална одговорност.
„Нашата понуда е едноставна — работа што се гледа и отчетност што се чувствува. Општината мора да стане сервис на граѓаните, а не приватна сцена на поединци“, порачува Салиу.
Завршувајќи ја видео пораката со повик за граѓанска мобилизација на изборниот ден, Салиу апелира: „На 19-ти октомври заокружете го бројот 24 – НЕ ВЕТУВАМЕ, ОСТВАРУВАМЕ.“
Македонија
Венецијанската комисија преглага јавниот обвинител да се избира и разрешува со квалификувано мнозинство во Собранието

Венецијанската комисија и Генералниот директорат за човекови права на Советот на Европа препорачуваат јавниот обвинител да се избира и разрешува со квалификувано мнозинство во Собранието, а Уставот да се измени за да се ограничи неговиот реизбор.
Во мислењето се нагласува потребата при изборот да се вреднуваат и менаџерските и организациските способности.
Комисијата препорачува и поголема транспарентност при изборот на членовите на Советот на јавни обвинители, суспендирање на функцијата на обвинителите додека се членови на Советот, како и дополнителни заштитни мерки за автономијата на обвинителството.
Актуелните членови, според предлогот, би ја завршиле својата функција до истекот на мандатот.
Македонија
„Од 2.500 на 5.000 денари ја зголемуваме еднократната парична помош за пензионери“, најави Герасимовски

Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ и актуелен градоначалник Горан Герасимовски, информира дека од следната година еднократната парична помош за пензионерите се зголемува од 2.500 на 5.000 денари.
„Двојно ја зголемуваме еднократната парична помош, од 2.500 на 5.000 денари за пензионерите чии пензии се до висина на просечната пензија. Покрај тоа, го реализираме и нивното барање и ќе изградиме дом за стари лица во Центар. Нашите баби и дедовци заслужуваат да живеат посреќно, за Центар што го сакаме“, вели Герасимовски.
Тој, потенцира дека домот за стари лица е предвидено да се изгради на Водно и ќе има капацитет за 50 лица, по европски стандарди, со 24 часовна медицинска помош.
Герасимовски истакнува дека продолжуваат и бесплатните еднодневни екскурзии низ Македонија за да им се овозможи на сениорите дружење и рекреација.