Македонија
Пендаровски бара Иванка Додовска да биде разрешена од Националниот совет за евроинтеграции
Претседателот Стево Пендаровски бара разрешување на Иванка Додовска од Националниот совет за евроинтеграции, а на нејзино место бара да биде именуван Александар Спасов.
„Кабинетот денеска упати известување до претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието, Илија Димовски, дека доцент д-р Александар Спасов, од Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’, е предложен како претставник на Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија за член во Националниот совет за евроинтеграции. Воедно, Кабинетот бара разрешување на проф. д-р Иванка Додовска, која беше претставник во Националниот совет за евроинтеграции на претходниот кабинет“, се вели во соопштението.
Националниот совет за евроинтеграции има цел да ги засили активностите и одговорностите на сите надлежни државни органи и институции во обезбедувањето заедничка согласност и дејствување во пристапниот процес на Северна Македонија кон ЕУ.
Националниот советот има претседател, потпретседател, 15 члена и девет заменик-членови, и тоа: девет члена од редот на пратениците во Собранието, кои имаат свои заменици, и шест члена од други институции: заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, претставник од Кабинетот на претседателот на државата, претставник од Кабинетот на претседателот на Владата, претставник од Македонската академија на науките и уметностите, од Заедницата на единиците на локалната самоуправа и од Здружението на новинарите. Овие шест члена учествуваат во работата на Советот без право на одлучување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска дел од Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД информираат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 14.00 часот, дел од корисниците од улиците Китка, Солунска Глава, Сердарот покрај каналот и Јустинијан Први, општина Кисела Вода.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради дефект во шахта од ф – ¾ на улицата Ацо Караманов бр. 10, без вода ќе останат дел од корисниците од улицата Ацо Караманов, како и објектот на Американската Резиденција, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 до 00.00 часот.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, во вечерните часови повремен дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Во вечерните часови и во текот на ноќта во северните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно, во вечерните часови и во текот на ноќта ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на серија влажни воздушни бранови од утре во вечерните часови до понеделник следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни и во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m²).

