Македонија
Пендаровски брифиран за подготвеноста на Армијата: успешна прва година од членството во НАТО
Пред претседателот Стево Пендаровски, денеска, во Домот на Армијата во Скопје, се презентира состојбата со борбената подготвеност на Армијата во тековната година, што е редовна обврска на началникот на Генералштабот кон врховниот командант.
На брифингот, од страна на началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, и директорот на Генералштабот, генерал-мајор Зоран Милески, пред претседателот Пендаровски, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, генералите во Армијата и претставници од кабинетите на претседателот и од Министерството за одбрана, беа претставени состојбата и реализацијата на планираните активности во функционалните области, кои се дел од борбената готовност.

Генералот Ѓурчиновски во своето излагање ја истакна подготвеноста на командите и единиците на Армијата за реализација на сите активности од планираната динамика во процесот на достигнување на целите на способност на НАТО.
Во својот осврт на годината што измина министерката Радмила Шекеринска потенцира дека во 2021 година беше одбележана првата годишнина од членството во НАТО и дека Северна Македонија успешно го положи тестот од првата годишнина како членка на алијансата.
„Вредно работевме и на воената интеграција и ја завршивме во рекордно време за 19 месеци, со што станавме препознатливи како држава во НАТО која најбргу ја заврши воената интеграција. Брзото завршување на воената интеграција е континуитет на успешната политика во Министерството за одбрана, која почна со зголемувањето на буџетот, набавките на нова опрема, членството во НАТО и севкупното зајакнување на капацитетите на Армијата“, рече министерката, која посочи и дека оваа година нашето небо стана дел од системот за воздушно патролирање на алијансата.
Шекеринска нагласи и дека веќе се избрани и првите пет офицери што ќе нѐ претставуваат во НАТО-командната структура во Измир, Монс и во Брисел и е почната селекција на дополнителни седум.
„Ја зајакнавме со персонал и Постојаната делегација на Северна Македонија во НАТО ,како и Канцеларијата за врски во SHAPE. Разбирајќи ја опасноста од современите безбедносни предизвици, потпишавме меморандум за соработка со НАТО во доменот на сајбер-безбедноста, а соработка во оваа област остваруваме и со нашиот стратегиски партнер САД“, додаде министерката.
Во заклучното излагање, претседателот и врховен командант, Стево Пендаровски, пред учесниците на брифингот го изрази своето задоволство од професионалноста, посветеноста и од покажаната пожртвуваност на припадниците на Армијата во справувањето со пандемијата и пожарите во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски очекува од новиот државен јавен обвинител да застане на страната на правдата
Премиерот и претседсател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека од новиот државен јавен обвинител очекува да застане на страната на правдата.
-Многу важно е што ние не сакавме да бидеме како дел од минатите влади, односно да се однесуваме насилнички и да менуваме обвинители, туку да му дадеме шанса на државниот јавен обвинител да се размавне и да покаже што знае. И еве после година и половина конечно отпочнуваме процес во кој стариот државен јавен обвинител, избран од мнозинството избран од СДС и ДУИ, заминува во минатото и е распишан конкурс за избор на нов државен јавен обвинител. Ги охрабрувам сите кои согласно закон исполнуваат услови да се пријават и очекувам да биде избран најдобриот, кој навистина ќе биде дел од овој трослоен систем на гонење на криминалот и корупцијата, истакна Мицкоски во интервју за „Вечер.мк“.
Мицкоски посочи дека граѓаните во минатото биле сведоци на полициски акции проследени во медиуми, со многу спектакуларни упади.
-Во минатото граѓаните беа сведоци на голем број полициски акции проследени во медиуми со многу естрада, галама и спектакуларни упади во домови и трговски објекти, а ние сакавме да бидеме антипод на таквиот начин на дејствување, рече Мицкоски.
Мицкоски на крај потенцираше дека од новиот државен јавен обвинител очекува немилосрдно да застане на страната на правдата.
Од новиот државен јавен обвинител очекувам немилосрдно да застане на страната на правдата, бидејќи само така сите кои работеле спротивно на закон ќе бидат санкционирани, имајќи предвид дека борбата против криминалот и корупцијата е тростепен процес кој вклучува истрага, обвинителен акт и судска постапка, при што обвинителот е само врската меѓу истрагата и судскиот процес. Тој треба да го избруси сето тоа и да види дали судиите ќе го прифатат и ќе отпочнат судски процес, бидејќи судиите прават оценка на обвинителниот акт, посочи Мицкоски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до СДСМ: Да не се грижите, Владата ја води партија која мисли добро на граѓаните
Почитувана СДС, среќни новогодишни и Божиќни празници. Иако се надевавме дека оваа година ќе го смените наративот, вие пак по старите стапки, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Уште зборат за мигранти кои не постојат, за задолжувања кои не постојат, за дупки во Буџет кои не постојат.
Но, знаеме дека на нив уште не им јасно дека ние државата не ја водиме како они што ја водеа.
Ако они сакаа да носат мигранти во 2018 година, ние нема да носиме. Ако они го задолжуваа народот и нашите поколенија, ние нема да ги задолжуваме. Ако они го оставија Буџетот со дупки и празен, ние тоа нема да го правиме.
2026 година ќе биде година на враќање на вашите долгови и заеми.
Но, 2026 година ќе биде и година на унапредување на економскиот раст, зголемување на плати и пензии, подигнување на животниот стандард на граѓаните, како и нови работни места, инвестиции и фабрики.
Затоа, СДС нека не се грижи, Владата ја води партија која мисли добро на граѓаните“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Следува потопло време и локални врнежи од дожд
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде
променливо облачно и потопло со повремени локални врнежи од дожд, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
Според прогнозата на УХМР, пообилни врнежи се очекуваат кон средината на следната седмица. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.
-Температурите ќе бидат во пораст, особено утринските, кои насекаде ќе бидат позитивни, информира УХМР.

