Македонија
Пендаровски: Веднаш по изборите да спроведеме прочистување кај судиите и обвинителите, но првин кај нас политичарите
Претседателот Стево Пендаровски, денеска, во своето обраќање во Собранието рече дека со години се соочуваме со отпори од повеќе страни при секој обид за суштински реформи во делот на правосудниот систем, а како причина за тоа ја посочи спрегата помеѓу делови од политичката и бизнис-заедница со дел од судиите и обвинителите, која во изминатите децении создаде атмосфера во која развивме ендемска корупција, која ја загрозува виталноста на државата.
„За жал, се стекнува впечаток дека САД и Европската Унија се поревносни борци против корупцијата кај нас од нашите институции. Меѓутоа, странските санкции не се доволни не само затоа што не се проследени со домашни санкции. Имено, ние се соочуваме со многу подлабок проблем бидејќи корупцијата во меѓувреме стана начин на живеење за многумина или, како што неодамна ја опиша еден странски амбасадор, станува збор за менталитет на луѓето, кој мора да се менува“, нагласи Пендаровски.
Тој посочи дека процесите на висока корупција се исклучително бавни и неизвесни, а малобројните успешно завршени судски процеси се ограничени на конкретен временски период, при што речиси секогаш отсуствува континуитет во акциите на државата, особено по промените на власта на централно или локално ниво.
„Тука сакам на следниот парламент да му го порачам она што веќе го имам јавно предложено неколкупати: веднаш по изборите, да спроведеме прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но првин кај нас политичарите. И, за секого за кого нема логично образложение како со државна плата станал милионер, треба веднаш да следува не само оставка туку и кривична постапка“, порача претседателот Пендаровски во обраќањето пред народните пратеници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

