Македонија
Пендаровски го потпиша указот за прогласување на Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги
Претседателот Стево Пендаровски денеска го потпиша указот за прогласување на Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги.
Од кабинетот на Пендаровски велат дека во законот јасно е дефинирано што претставува државна кампања од јавен интерес, на државно или на локално ниво. Истовремено, измените на законот го лимитираат буџетот, односно висината на средства што од државниот буџет ќе може да се потрошат за кампањи на државно или на локално ниво.
„Законот предвидува постапка, во која централна улога има комисија, која е составена од претставници на политичките партии и од власта и од опозицијата, на паритетна основа. Исто така, во законот се прецизирани критериумите според кои може да конкурираат радиодифузерите, а јасно е дефинирана и постапката за избор на радиодифузери на кои ќе се прикажуваат кампањи на државно или на локално ниво. Тоа значи дека, за разлика од порано кога Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ своеволно одлучуваше кому колку пари ќе му даде, сега е прецизно регулирано како и колку средства ќе добиваат медиумите за кампањи на државно или на локално ниво. Потенцираме дека Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги во Собранието беше донесен без поднесени амандмани од опозицијата, што значи дека опозицијата нема забелешки за неговата содржина“, велат од кабинетот.
Се додава дека и во поголемиот број на земји- членки на Европската Унија постои регулатива со која се овозможува кампањи од јавен интерес во медиумите.
Во изминатите денови Пендаровски оствари комуникација со сите засегнати страни, односно со тие што беа и за и против законот. Во оваа насока тој очекува дека најбргу што може ќе продолжи дијалогот меѓу релевантните институции и Здружението за заштита и унапредување на интернет-медиумите со цел унапредување на положбата на онлајн-медиумите во медиумската сфера имајќи предвид дека во порталите работат голем дел од новинарите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски – Нејнски: Односите меѓу Македонија и Бугарија треба да се градат врз принципите на добрососедство и пријателство
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово оствари телефонски разговор со новоименуваната министерка за надворешни работи на Република Бугарија, Надежда Нејнски.
Министерот Муцунски упати искрени честитки по повод нејзиното именување и ѝ посака успех во извршувањето на функцијата.
Во рамки на разговорот, тој нагласи дека односите меѓу двете земји треба да се градат врз принципите на добрососедство, пријателство и конструктивна соработка.
Воедно, беше иницирана билатерална средба меѓу двајцата министри, која би се реализирала во наредниот период.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ристоска да биде реална и искрена и да престане да лобира кај функционери на ВМРО-ДПМНЕ
Ленче Ристоска која е навикната на подобноста од времето на СЈО, мора да знае дека ова се други времиња и потребни се лица со интегритет, професионалност и одговорност да извршуваат таква позиција, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристоска мора да е свесна дека има јасни критериуми за таа позиција и дека ако таа е навикната подобноста да е еден од нив, како што тоа беше во СЈО каде таа беше десна рака на Јанева, тоа овој пат не е случај. Ова се други времиња и потребни се интегритет, професионалност, одговорност. Дури и во Мамас како фирма примале лица со повисоки критериуми од критериумите кои ги практикувале при прием на кадри во СЈО. Чудно е од друга страна пак што ист човек во својата приватна фирма (Мамас) да прима луѓе по одредени критериуми, а кога бирал за државно обвинителство примал луѓе кои беспоговорно го слушаат и без никакви критериуми. Инаку мора да сме искрени, подобноста е најсилниот атрибут и особина на Ристовска и нејзиниот неизбор е токму сигнал дека тоа овде не е пресудно, туку далеку поразлични и побитни критериуми“, велат од партијата.
Од таму и порачаа на Ристоска барем да биде реална и искрена, и додека говори јавно за подобност и критериуми, и глуми, велат од ВМРО-ДПМНЕ, барем да престане да лобира кај функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не е ова СДС и СЈО. Тоа време помина“, велат од партијата.
Македонија
Реконструиран патот кон Манастир Пеленица: Инвестиција од над 475.000 евра за подобра безбедност и пристапност
Успешно е реализиран проектот за реконструкција (рехабилитација) на коловозот и изработка на тротоар на патот кон Манастир Пеленица, соопшти премиерот Христијан Мицкоски на социјалните мрежи.
„Инвестицијата од 29.320.330 денари (околу 475.000 евра) придонесе за модерна и одржлива патна инфраструктура, подобрена пристапност до манастирскиот комплекс и повисоко ниво на безбедност за посетителите и локалното население. Проекти за трајна промена – темели за сигурна иднина“, напиша Мицкоски.

