Македонија
Пендаровски одликува осум пожарникари со „Медал за храброст“
																								
												
												
											Претседателот Стево Пендаровски, денеска, со Медал за храброст одликува осум припадници на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје. Медалот за храброст им се доделува за покажаната исклучителна храброст и пожртвуваност при извршувањето на задачите во справувањето со огнената стихија за време на пожарот во станбена зграда на улицата Народни херои, во Кисела Вода, при што придонеле за навремено извлекување на загрозените станари.
Во пресрет на Денот на независноста, 8 Септември, истакна претседателот Пендаровски, нивниот херојски чин е момент на обединување за сите нас како граѓани честитајќи им за врвната професионалност и пожртвуваност.
Претседателот Пендаровски на денешната свеченост го врачи и признанието Повелба на Република Северна Македонија на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје за посветено извршување на задачите при гаснење пожари на подрачјето на град Скопје, отстранување на непосредната опасност за настанување пожари, спасување на животот на граѓаните и заштита на имотот, загрозени од пожари и од експлозии и други активности во согласност со делокругот на работа.
Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски, во името на Бригадата и на сите колеги пожарникари упати благодарност до претседателот Пендаровски за одликувањето со Медал за храброст и за признанието Повелба на Република Северна Македонија.
„Бригадата за противпожарна заштита во оваа година се соочи со повеќе сериозни и тешки интервенции во кои одговоривме максимално професионално и со нашата посветеност кон работата не дозволивме поголеми несреќи и катастрофи“, рече Симоновски.
Пожарот што се случи во јуни годинава, во седумкатница во Кисела Вода, беше навремено изгаснат без загуба на човечки животи. Поради сериозни респираторни проблеми, на Универзитетската клиника за токсикологија беа хоспитализирани единаесет лица, од кои четворица пожарникари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Македонија
Без струја делови од Сопиште, Петровец и Гази Баба
														Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08.00 до 14.00 часот, дел од корисниците од дел од с.Долно Соње.(Општина Сопиште)
· од 08.30 до 11.30 часот, корисниците од с. Горно, Средно и Долно Коњари. (Општина Петровец)
· од 08.30 до 11.30 часот, корисниците од с. Чифлик. (Општина Сопиште)
· од 08.30 до 11.30 часот, корисниците од с. Катлановска Сушица. (Општина Петровец)
· од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Вера Вучкова Жежељ, во нас. Хиподром. (Општина Гази Баба)
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
														Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, особено претпладне. Ќе дува умерен, вдолж Повардарието засилен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со повремен слаб дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Во среда и четврток ќе преовладува претежно стабилно време, а нови локални врнежи од дожд повторно се очекуваат во петок и во деновите од викендот.
Македонија
Во Битола по 67 пат одржана традиционалната Ноќна атлетска трка
														Во рамките на одбележувањето на 4 Ноември, денот на ослободувањето на Битола, на Широк Сокак се одржа традиционалната Ноќна атлетска трка, во организација на Сојузот на спортови на Битола, со поддршка на Општина Битола.
Оваа манифестација, која се одржува по 67-ми пат е најстарата спортска манифестација во Битола. Годинава учествуаа над 700 учесници, основци, средношколци, студенти, граѓани и ветерани. Натпреварите се одвиваа во 24 категории, во машка и женска конкуренција.
Дел од наградите на најдобрите натпреварувачи им додели градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој истакна дека манифестацијата претставува симбол на спортскиот дух и заедништвото на битолчани.
„Горд сум што во очи денот на ослободувањето на Битола можеме да ја прославиме спортската традиција на нашиот град. Ноќната трка е симбол на упорност, младост и љубов кон Битола. На сите учесници им честитам на храброста и ентузијазмот, а на победниците им посакувам уште многу успеси,“ рече Коњановски.

