Македонија
Пендаровски: Остануваме посветени на европската агенда и очекуваме брз почеток на преговорите
Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Ана Лирман, државна министерка за Европа во германското Министерство за надворешни работи.
Честитајќи ѝ за преземањето на функцијата, Пендаровски оцени дека посетата на министерката Лирман набргу по нејзиното именување, ја демонстрира јасната посветеност на германските власти за аспирациите на државите од Западен Балкан за членство во Европската Унија. Пендаровски се заблагодари што проширувањето на Европската Унија и на Западен Балкан се меѓу клучните приоритети на новата влада на канцеларот Олаф Шолц.
Претседателот истакна дека Република Северна Македонија останува посветена на европската агенда и го реафимира очекувањето за скорешен почеток на пристапните преговори за членство во Европската Унија. Во таа насока Пендаровски посочи на подготвеноста на нашата држава за продолжување на дијалогот со Република Бугарија во духот на добрососедските односи, со цел надминување на блокадата во однос на европските интеграции.
Во контекст на билатералните односи, Пендаровски оцени дека Германија е клучен политички и економски партнер на земјава и еден од најзначајните трговски партнери во годините наназад. Претседателот Пендаровски изрази очекување за натамошно јакнење на пријателството и партнерството меѓу двете држави вклучувајќи го сојузништвото во НАТО, како и очекување за натамошно зголемување на трговската размена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

