Македонија
Пендаровски: Посетата на Донфрид е потврда за силната американска поддршка за регионалната стабилност
Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Карен Донфрид, помошник-државна секретарка за европски и евроазиски прашања во Стејт департментот на Соединетите Американски Држави.
Како што информираат од претседателскиот кабинет, во фокусот на разговорите биле билатералните односи, актуелните случувања во земјата и текот на реформските процеси, како и надворешнополитичките приоритети на Северна Македонија низ призмата на актуелните случувања во регионот и Европа.
„Претседателот Пендаровски посочи дека посетата на Донфрид на Западен Балкан е потврда за силната американска поддршка за регионалната стабилност и за важноста од понатамошна консолидација на демократските процеси во регионот.
Исто така, претседателот истакна дека Северна Македонија е подготвена да придонесе за понатамошен развој на билатералните односи и зајакнување на стратешкото партнерство со САД. Остануваме цврсто посветени на спроведување на реформите за борба против организираниот криминал и корупцијата и во таа насока особено ја цениме американската поддршка, додаде претседателот Пендаровски. Tој го поздрави билатералниот стратешки дијалог со САД како позитивен импулс во меѓусебните односи за унапредување на соработката во областа на одбраната, безбедноста, владеењето на правото, економијата, енергетиката и климатските промени.
На средбата соговорниците дискутираа и за политичката динамика и економската ситуација во Европа предизвикана од руската инвазија врз Украина, при што претседателот Пендаровски ги потенцира преземените мерки од страна на Северна Македонија како земја членка на НАТО и го реафирмира ставот за целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Осврнувајќи се на безбедносните случувања и последиците врз Балканот, претседателот алармира на важноста од деблокада на македонските евроинтеграции и изнаоѓање конструктивно решение за недоразбирањата со Бугарија.
Со оглед на актуелните случувања во Украина и на европскиот континент, претседателот додаде дека неопходно е преговорите за членство во ЕУ да почнат што побргу поради ризикот од поткопување на поддршката за европската интеграција и забавување на темпото на реформските процеси, како владеењето на правото, реформите во судството и борбата против корупцијата“, се наведува во соопштението за средбата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Силјановска: Ќе бидам претседателка на сите граѓани, не е време за поделби и триумфализам
Тврдам дека, од овој момент, ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани, на сите етнички групи, партии, оние кои не се во партиите. Нема да заборавам на разноликоста, изјави Гордана Силјановска Давкова во првото обраќање по победата на претседателските избори.
„Не е време за поделби и фалби, триумфализам. Не можете во политиката со емоции, мора рационално. Ќе направам се’ за да ги бранам државните и националните интереси“, рече Давкова.
Силјановска истакна дека за време на кампањата го зборувала она што го мисли, се посветила на целта, а наградата за неа е непроценлива.
„Не сум ги убедувала граѓаните дека сум најдобриот избор, најумна, оставив изборот да го направат тие. Мислам дека направија вистински избор. Има ли поголема инспирација од тоа жена да стане претседател. Со мене, кога ќе се опкружам со жени сличнин на мене, свои, стамени, кои умеат да изразат став на свој начин, тоа е некаков голем исчекор, тоа е за мене реформски чекор“, рече Давкова.
Според неа, да се повика на бојкот на изборите е партиски и политички притисок. Како што рече, немала многу време да го следи говорот на нејзиниот опонент Стево Пендаровски, но фатила неколку инсерти, и смета дека критиката на бојкотот на ДУИ и на обидот да се киднапира избирачкото право, да се одземе нивното избирачко право или да се диригира е добра констатација.
Давкова изјави дека не се согласува со тезата дека гласовите ги добила поради национализам, напротив, вели таа, во тимот имала Албанци, Турци, Роми и ќе ги вклучи во кабинетот. Тоа се луѓе кои зад себе имаат образование и докторати и тоа за неа е суштинскиот елемент, а потоа е припадноста.
Силјановска изјави дека не знае дали противкандидатот Пендаровски ѝ честитал победа, бидејќи си го заборавила мобилниот телефон дома.
Според резултатите од Државната изборна комисија од 80,37 отсто од преброените гласови, Силјановска-Давкова освои 439.614 гласови или 64,83 отсто, а Пендаровски освои 198.288 или 29,24 проценти од гласовите.
Македонија
(Видео) Ковачевски му честита на Мицкоски: Денешниот резултат е разочарувачки, на СДСМ му е зададен тежок удар
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва на прес-конференција ја честита победата на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицкоски и изборот на Гордана Силјановска Давкова како иден претседател.
Тој се заблагодари на Стево Пендаровски и поддржувачите на СДСМ.
„СДСМ повторно покажа државотворност и одговорност по стоти пат. Најлесно беше по толку лажни обвинувања и напади на ВМРО-ДПМНЕ да не го мобилизираме нашето членство за гласање на претседателските избори. Не паднавме во таа замка. Покажавме дека Македонија ни е поважна, секогаш ќе биде така. Денешниот резултат е разочарувачки. На СДСМ му е зададен тежок удар, не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и поддржувачите на партијата. Во наредниот период детално ќе ги анализираме овие резултати“, рече Ковачевски.
– Не сакам да носам избрзани заклучоци и да посочувам виновници, додаде Ковачевски и кажа дека тој и партиското раководство имаат одговорност, сите именувани и избрани функционери, како и сите партиски функционери на локално ниво и на централно ниво.
Тој повика на нови внатрешни избори на сите партиски тела и на централно и на локално ниво, почнувајќи од претседателот на партијата, раководството, претседателите на општинските организации и сите органи и тела на партијата.
Македонија
Пендаровски: Резултатите се јасни, им честитам на победниците
Кандидатот за претседател, Стево Пендаровски на прес-конференција вечерва кажа дека резултатите се јасни и им честита на победниците.
„Резултатите се јасни и немам намера подетално да ги разлагам. Согласно резултатите досега им честитам на победниците, да им посакам успешна работа во следните четири, односно пет години. Мојот концепт за мултиетничка Македонија денеска не доби мнозинска поддршка од граѓаните. Јас сум уверен дека само таква Македонија може да биде просперитетна и демократска држава. Мојата совест е мирна, но не сум сигурен дека совеста им е мирна на оние кои тргнувајќи од тесно партиски и лични политички интереси, денеска ефективно спречија илјадници наши граѓани да го земат второто ливче и да гласаат и на претседателските избори“, рече Пендаровски.
„Мојот личен рејтинг ми даде за право да имам надеж дека можам да бидам рамноправен натпреварувач во оваа трка. Ова што денеска се случи значајно ми ги одзеде шансите да бидам рамноправен натпреварувач. Стотици илјади наши граѓани беа оневозможувани, на систематски, плански, организиран начин да земат второ ливче. Јас сум убеден дека оние 330 илјади гласови од петте кандидати кои отпаднаа од првиот круг се далеку поблиску до мојот политички концепт отколку до концептот кој го заговараше противкандидатката. Направија таква калкулација и на организиран начин ги спречија луѓето да гласаат. Со тие претпоставени гласови трката ќе беше далеку понеизвесна“, додаде Пендаровски.
Тој се заблагодари на сите учесници во изборниот процес и на медиумите за соработката изминатите пет години.