Македонија
Пендаровски: Северна Македонија и Германија во континуитет градат пријателски и партнерски односи
Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Анке Гизелa Холштајн, новоименувана амбасадорка на Германија.
Пендаровски оцени дека Република Северна Македонија и Сојузна Република Германија во континуитет градат пријателски и партнерски односи посочувајќи на интензивниот политички дијалог меѓу двете држави и истакнувајќи го фактот дека Германија е најважен економски и трговски партнер на Северна Македонија, со трговска размена над 4 милијарди евра на годишно ниво.
Претседателот Пендаровски оцени дека вклучувањето на прашањето за проширувањето во приоритетите на германското претседавање со Европската Унија во втората половина на 2020 година е јасна порака за нашата држава, но и недвосмислен стимул за понатамошно спроведување на неопходните суштински реформи во сите сфери од општественото живеење, а особено во изградбата на правната држава и во борбата со организираниот криминал и со високата корупција.
„Свесни сме дека пред вашето претседавање со Советот на Европската Унија се исправа најголемиот економски предизвик во историјата на ЕУ, поврзан со заздравување на земјите погодени од коронавирусот. Но, истовремено сме сведоци дека пандемијата уште повеќе ги засили европските чувства на солидарност, единство и одговорност кон Западен Балкан. Во тие рамки нашите очекувања се до крајот на годината да се одржи првата меѓувладина конференција, со што ќе се означи и официјалниот почеток на преговорите на Република Северна Македонија со Европската Унија“, рече претседателот Пендаровски на церемонијата.
Претседателот Пендаровски се заблагодари за севкупната германска помош за нашата држава во справувањето со пандемијата на Ковид-19.
Амбасадорката Холштајн оцени дека Северна Македонија во изминатите години спроведе важни чекори на патот на евро-атлантските интеграции.
„Приемот во НАТО како 30-та членка, важните договори со соседните земји Грција и Бугарија и најпосле зеленото светло за почнување на пристапните преговори со Европската Унија, кое одамна требаше да го добиете, се успеси за кои си дозволувам да ви честитам од сѐ срце. Германија за тоа време ви беше доверлив партнер, кој ве поддржуваше со сите расположливи сили. Дозволете да Ве уверам дека така и ќе остане. Можете да сметате на тоа – дека за сѐ што можам да придонесам како германска амбасадорка лично тоа и ќе го сторам“, рече амбасадорката Холштајн на церемонијата на предавање на акредитивните писма.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

