Македонија
Пенов: Данокот на имот е еден од најважните извори на приход за финансирање на општините
Приоритет е да се зајакнат капацитетите на општините за подобро управување со јавните финансии, за наплата на локалните даноци и такси, како и за транспарентно и отчетно работење. Овие прашања се нотирани од
Министерството за локална самоуправа, Министерството за финансии и во извештаите на Европската комисија, рече министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, на вториот годишен форум за локална самоуправа „Партнерство за одржливи локални самоуправи“, поддржан од УСАИД.
„Поддршката на УСАИД во градењето на капацитетите на општините трае од почетокот на децентрализација до сега. На почетокот приоритет беше евидентирањето на наследените долгови на општините и предлагање мерки за намалување на долгот“, рече Пенов.
Тој објасни дека градоначалниците имаат проблем со ажурирањето на базите на податоци за наплата на данокот на имот за што беше побарана помош и од централната власт.
„Данокот на имот е еден од најважните извори на приход за финансирање на изворните надлежности на општините, тие што не се финансирани со блок дотации од централниот буџет и затоа локалните власти да вложат поголем напор. Но, потребно е да се најде институционално, системско решение, заедно со другите надлежни институции“, додаде Пенов.
Како што рече Пенов, финансиската стабилност на општините е најважна за да може да ги извршуваат функциите и да испорачуваат услуги.
Исто така, со измените на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа се формира и посебен фонд за перформанси, преку кој ќе бидат наградени општините што ќе покажат подобри резултати.
„Според последното мерење на перцепцијата на граѓаните, што го направи Министерството, има раст во генералното задоволство од 2,97 на 3,2 %. Граѓаните се најмалку задоволни од локалниот економски развој, социјалната заштита, заштитата на животната средина, транспарентноста и урбанистичкото планирање“, дополни тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„ДКСК да покрене постапка против Битиќи, бара од фирмите на кои им исплаќал државна помош да гласаат за него“, вели ВМРО-ДПМНЕ
„ДКСК да покрене постапка против Битиќи, бара од фирмите на кои им исплаќал државна помош да гласаат за него, им сугерира и број на гласачко ливче. По објавениот документ од кој се гледа како Битиќи бара од компании да го поддржат затоа што им исплаќал државна помош тој требаше да се повлече од политиката“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фактот што Битиќи не само што не се повлече, туку и не се извини, говори како СДС и ДУИ ја заробија државата и како 100тина функционери управуваат со државата како да е нивен личен имот.
ДКСК не смее да чека, да отвори случај и да се отвори постапка и пред другите институции.
Злоупотребите на институциите мора да запрат. По 8ми мај ќе се стави крај ма ваквите практики, а таквите како Битиќи ќе се соочат со одговорност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи
Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи, особено во источните делови. Локално процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 14 до 22 степени.
Во Скопје променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме со засилен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, освен во недела кога ќе биде претежно стабилно и потопло. Во сабота ќе дува засилен северен ветер.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.