Македонија
Перински: Од „Водовод“ си заминувам со чист образ, Арсовска да каже зошто ја разрешува комисијата
Директорот на ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ во заминување, Златко Перински, преку соопштение изрази благодарност до соработниците, и до тимот со кој соработуваше изминатата година дена во десетици проекти.
Во соопштението на Перински стои дека „Водовод и канализација – Скопје“ забележа значителни резултати.
„1. Зголемена наплата
Наплата во периодот од 1.1.2022 година до 1.8.2022 година изнесува 633.986.502,00 денари, споредбено со истиот период од 2021 година кога таа изнесувала 590.622.973,00 денари има зголемување од 43.363.529,00 денари или зголемување од 7,34 %.
2. Зголемено изведување на мрежи во сопствена режија
Вредноста на изградените мрежи во периодот од 1.1.2022 година до 31.8.2022 година изнесува 16.694.763,00 денари, и споредбено со истиот период од претходната 2021 година кога тие изнесувале само 6.005.259,00 денари има зголемување од 10.689.504,00 денари или зголемување од 178 %.
3. Зголемени приходи
Вредноста на приходите во периодот од 1.1.2022 година до 31.8.2022 година изнесуваат 1.104.145.166,00 денари, и споредбено со истиот период од претходната 2021 година кога тие изнесувале 1.039.155.831,00 денари има зголемување од 64.989.335,00 денари или зголемување од 6,25 %.
4. Намалување на вредноста на јавните набавки
Во финансискиот дел се извршени ревидирања на вредноста на јавните набавки пред нивно објавување во согласност со реалните потреби на ЈП Водовод и канализација – Скопје. Станува збор за досега реализираните јавни набавки, врз основа на Планот за јавни набавки, кои пред ревидирањето изнесуваа 877.384.050,00, а сега истите тие се во вредност од 760.679.400 денари, што претставува намалување за 116.704.650 денари, или намалување од 13 %.
Ова е резултат на тимска работа, многу поминати часови на работното место, и на имањето на концепт за развој и визија за тоа како Водовод мора да се развива.
Некаде околу 10 часот денес добив известување од градот дека сум разрешен од позицијата прв човек на Водовод со образложение дека наводно сум влијаел на процесот при одлучување за изградба на Пречистителната станица.
Имено, на крајот на јули добив допис од градоначалничката Арсовска која бара од мене промена на членовите на евалуациската комисија за изградба на пречистителната станица. Немаше никакво образложение за ваквата постапка, а причините поради кои ова го бара треба самата Арсовска да ги објасни.
Јас за ова ја известив Европската инвестициска банка која е банка лидер и која е кредитор на самиот проект тежок 160 милиони евра за ваквиот чекор и побарав мислење за ваквото барање. Европската инвестициска банка одговори за ваквото барање на Арсовска негативно. Значи она што го бараше градоначалничката не е одобрено од банката лидер. Јас не можам да си дозволам незаконито работење по ниту една цена и кога било. Ниту, пак, ќе подлегнам на притисоците. Затоа она што јас го следам е единствено законот и мислењето на релевантните институции.
Го известив Градот и ја известив градоначалничката за одлуката на ЕИБ.
Ваквата одлука на Арсовска за мое разрешување доаѓа на денот кога комисијата треба да ги отвори понудите. Почитувањето на законот никогаш не е самоволие како што тоа го пишува Арсовска во соопштението на Градот. Туку единствена обврска. И да не ме разрешеше, јас бев подготвен да си заминам доколку цената е да го прекршам законот, како што таа бараше од мене со разрешување на членовите од комисијата.
Што се однесува до самиот проект за пречистителна станица, тоа е проект на Владата на Р Македонија, Водовод и со кредити од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.
Сите постапки кои се преземени се одобрени и потврдени како беспрекорни од банките кои вршат надзор на истите.
Со индигнација ги одбивам сите пишувања, сите обвинувања против мене. Барам од медиумите да бараат одговор зошто градоначалничката бара разрешување на членовите на комисијата… Јас стојам на располагање на сите институции и ги повикувам да го испитаат овој случај се до конечно расветлување на вистината. Затоа што постои можност градот да остане без капитален проект кој е од исклучителна важност за скопјани.
Од Водовод си заминувам со чист образ, со многу желба овој процес да успее. Благодарност и до банките кои се партнер во изградбата на пречистителната станица“ – стои во соопштението од Перински.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски за бугарската формулација „достапен јазик“ наместо македонски: Не е во прашање само Уставот, туку редефинирање на македонскиот идентитет
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, ја коментираше формулацијата „достапен јазик“, наместо македонски јазик, што ја употреби Министерството за надворешни работи на Бугарија.
„Не ме чуди, ги потврдуваат тезите дека Бугари во Устав не е единствено барање, туку комплетно редефинирање на македонскиот идентитет. Но, ова се денови кога треба да простуваме, да се сплотуваме како нација. Како народ ќе сфатиме дека без оглед дали сме власт или опозиција, за некои прашања мора да бидеме заедно“, изјави Мицкоски по посетата на Соборниот храм по повод христијанскиот празник, Божик.
Тој изрази жалење што, како што рече, претходната влада влегла во една авантура и го заглавила евроинтегративниот процес, прифаќајќи капитулација, односно ултиматум од Бугарија.
„Апелирам до опозицијата – подадена е раката – да ги напуштат нивните тези и да застанат во одбрана на националните интереси. Ова е таков ден, немам што повеќе да додадам“, рече премиерот.
Говорејќи за доставувањето на Акцискиот план за правата на заедниците, претходно деновиве Мицкоски наведе дека македонската страна била советувана од Брисел документот да ѝ биде доставен на Софија еден ден порано, како гест на добра волја.
„Така направивме – го дадовме ден однапред. И сега им сметало што е на македонски јазик. Во меѓународна употреба, согласно Уставот, официјален јазик е македонскиот јазик. Јас не можам, како претседател на Владата, ниту пак министерот, да го кршиме Уставот. Ако мислат дека ќе го испратиме на друг јазик – ние немаме друг јазик“, изјави Мицкоски.
Премиерот додаде дека Бугарија повторно ја пропуштила шансата да покаже добрососедство, а на прашањето дали имало и други забелешки од Софија, одговори дека немало.
Бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека „Република Бугарија со загриженост ги забележува последователните тези на властите во Скопје, кои остро се разминуваат со есенцијата на Европскиот консензус од 2022 година“. Во соопштението не се спомнува македонскиот јазик, туку се користи формулацијата „јазик достапен за граѓаните“.
Во Преговарачката рамка, во став 35, се наведува дека Северна Македонија преку инклузивен процес треба да усвои Акциски план за заштита на правата на малцинствата и заедниците, кој ќе биде предмет на постојано следење во текот на пристапниот процес. Во став 37 се посочува дека напредокот во поглавјата за владеење на правото ќе биде тесно поврзан со спроведувањето на Акцискиот план, што значи дека без негова имплементација не може да се затвори ниту едно преговарачко поглавје.
Македонија
(Видео) Филипче за Божиќ: Имплементиравме политики што им донесоа подобар живот на граѓаните
Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, по повод големиот христијански празник Божиќ упати порака за мир, заедништво и градење праведно, толерантно и слободно општество, во кое младите ќе ја гледаат својата иднина.
„Го честитам најрадосниот празник во христијанството со традиционалната честитка – мир Божји, Христос се роди“, порача Филипче, заблагодарувајќи им се на присутните и упатувајќи желби за мирни и весели празници до сите верници кои го празнуваат Божиќ.
Тој истакна дека Божиќ е традиционален повод за собирање на семејството и најблиските, како и за покажување почит и грижа, нагласувајќи дека мирот е особено важен во турбулентни времиња.
„Мирот во овие турбулентни времиња ни е и тоа како потребен за да можеме да продолжиме општеството да го градиме – да биде праведно, да биде толерантно, да биде слободно“, рече Филипче.
Осврнувајќи се на политиките што СДСМ ги спроведувала во минатото, тој нагласи дека тие биле насочени кон подобар, побезбеден и побогат живот за граѓаните.
„Ние во минатото имплементиравме политики коишто граѓаните вистински можеа да ги осетат да живеат подобро, побезбедно, побогато. Младите тука да ја гледаат иднината. Имплементиравме политики коишто доликуваа на развиени општества, општество во кој никој нема да се чувствува помалку вреден, без разлика дали станува збор за етничка, дали станува збор за национална, верска, некаква културна, родова, полова или сексуална ориентација. Посакувам да сите заедно градиме општество во коешто никој нема да биде дискриминиран“, порача Филипче.
Македонија
Стоилковиќ со божиќна честитка: Празникот да биде поттик за духовна смиреност и заемна почит
По повод големиот христијански празник Божиќ, потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, упати честитка до сите верници од христијанска вероисповед, нагласувајќи дека празникот ја носи пораката на љубов, надеж и човекољубие.
Во честитката, Стоилковиќ истакна дека Божиќ е поттик за духовна смиреност, заемна почит и зајакнување на општествената кохезија, посочувајќи дека празничните денови треба да придонесат за продлабочување на семејните и општествените вредности.
Тој нагласи дека негувањето на солидарноста и унапредувањето на меѓусебното разбирање се особено важни за напредокот и заедничкото добро, додавајќи дека преку соработка и одговорност може да се придонесе за стабилност и благосостојба во општеството.
„На сите верници им посакувам добро здравје, мир и достоинствено празнување на Божиќ“, порача Стоилковиќ, упатувајќи ја традиционалната божиќна честитка „Христос се роди! Вистина се роди!“.

