Македонија
Перински по повод Меѓународниот ден на донаторството: Општините да станат партнери на СОС „Детското село“ за поголема инклузија на децата без родителска грижа
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, по повод 5 септември, Меѓународниот ден на донаторството, го посети СОС „Детското село“, кое со мотото „Ниедно дете не треба да расте само“ веќе 20 години обезбедува грижа и поддршка на децата без родителска грижа и на оние што се изложени на ризик да ја загубат грижата од своите семејства. На неформалната средба министерот со претставниците на СОС „Детското село“ разговараше за тековните активности на организацијата, за предизвиците со кои се соочува, како и за можностите за развивање социјални услуги во заедницата за подобрување на квалитетот на секојдневието и инклузијата на децата без родителска грижа.
Од организацијата посочија дека со цел да се обезбеди континуитет и одржливост во обезбедувањето на социјалните услуги на локално ниво, неопходно е да се создаде еден вид трипартитна коалиција помеѓу општините, бизнис-заедницата и граѓанскиот сектор како би постигнале побрз и поголем напредок во своето дејствување.

Министерот Перински изрази безрезервна поддршка на мисијата на организацијата и даде уверување дека на него може да сметаат како на нов стратешки партнер, кој во рамките на своите ингеренции ќе помогне СОС „Детско село“ да дејствува и во пошироки рамки.
„Како човек и како министер, ќе се заложам вашата благородна мисија да ја почувствуваат сите деца на кои им е потребна поддршка, таа да се прошири во сите региони. Со оглед на мојата комуникација со сите плански региони и општини, ќе иницирам општините, секоја во рамките на своите можности и расположливи средства и ресурси, да изгради партнерски односи со вас и да ви помогне во согласност со мапираните потреби. Верувам дека градоначалниците ќе ја препознаат и несомнено ќе ја поддржат важноста на вашата мисија, а тие со тоа ќе станат општествено одговорни и ќе ѝ помогнат на најранливата категорија во општеството“, истакна министерот на средбата и се согласи дека неопходно е продолжување на социјалните реформи, како и на процесот на деинституционализацијата на системот на социјална заштита.
„Процесите мора да продолжат. Само со заедничка соработка и вклучување на сите засегнати страни во креирање, унапредување и спроведување на регулативата и јавните политики можеме да очекуваме одржливи и достапни социјални услуги за граѓаните во социјален ризик“, посочија од СОС „Детското село“.

Во моментот СОС „Детското село“ спроведува лиценцирани социјални услуги, поддржува 74 згрижувачки семејства, во кои се згрижени 142 деца, а својата мисија, меѓу другото, ја остварува и преку Центарот на згрижувачки семејства покривајќи ја територијата на три плански региони – Скопскиот, Вардарскиот и Југоисточниот Регион. СОС „Детското село“ имплементира проект за вклучување на младите на пазарот на трудот и обезбедува долгорочно вработување во кој општините Гази Баба, Струмица, Кавадарци, Прилеп, Тетово и Штип се јавуваат како стратешки партнер.
На средбата присуствуваше и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, а која, посочија од СОС „Детското село“, е пример како една локална самоуправа може да влијае во зајакнување и унапредување на капацитетите и во дејствувањето на организацијата.

„Ме радуваат иницијативата и заложбата на министерот Перински да помогне да се обезбеди континуитет и одржливост во обезбедувањето на социјалните услуги на локално ниво. Познавајќи го и лично, верувам дека зборовите ќе ги преточи во дела“, истакна градоначалникот Стефковски, кој е долгогодишен соработник и поддржувач на СОС „Детското село“.
При посетата дечињата добија мали изненадувања, а тие за возврат на министерот и градоначалникот им подарија благодарница и кретивни изработки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Стојаноски: Заев и Филипче му нуделе на Жан Митрев да им ја продаде болницата под цената за да го ослободат од обвиненија
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, и на денешната прес-конференција побара Јавното обвинителство итно да ги провери наводите за притисок врз Жан Митрев да ја продаде болницата, оценувајќи дека се работи за сериозни обвинувања кои бараат одговорност.
Стојаноски повикувајќи се на телевизиското интервју на Жан Митрев, рече дека во времето кога СДСМ била на власт, поранешниот премиер Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче вршеле притисок врз д-р Жан Митрев со цел да ја преземат неговата приватна клиника за сума далеку под пазарната.
Според Стојаноски, д-р Митрев бил изложен на силни притисоци токму во периодот кога против него се водел судски случај. Пратеникот тврди дека личната сметка на Митрев, како и сметката на клиниката, биле блокирани, а била изречена и забрана за продажба на удели.
„Само една недела по нивното барање да ја купат болницата, Јавното обвинителство ја повлекло забраната за продажба – што покажува како институциите биле ставени во служба на интересите на тогашната власт“, изјави Стојаноски.
Дополнително, д-р Митрев изјавил дека добил понуда од Филипче и Заев да се спогодат – ако ја продаде клиниката под пазарната цена, тие би му помогнале да се ослободи од обвиненијата.
„Уште по скандалозно е тоа што, др. Жан Митрев вели дека Заев и Филипче му понудиле и спогодба, односно доколку ја продаде болницата за пониска сума од пазарната, ќе му помогнат да се ослободи од обвиненијата против него“, додаде Стојаноски.
Македонија
Беким Сали на лидерски состанок во Давос
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, ќе учествува на Лидерскиот состанок (Davos Leadership Gathering), кој ќе се одржи во Давос, во периодот од 19 до 22 јануари.
Лидерскиот состанок во Давос ќе собере светски лидери, економисти, банкари и експерти од различни области, со цел дискусија за глобалните предизвици и меѓународните економски развои.
Првиот заменик-претседател ќе се обрати на форумот во рамки на панел-дискусија, на која ќе се разговара за климатските промени, конфликтите и социјалната грижа.
Македонија
СДСМ: Десет години по заминувањето на Груевски, повторно сме во истата ситуација со ВМРО-ДПМНЕ
Овој јануари се навршуваат точно 10 години откако Никола Груевски ја напушти премиерската функција, но според СДСМ, државата повторно се соочува со истите проблеми под актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски.
Во соопштението на партијата се наведува дека по заминувањето на Груевски започнал крајот на режимот што 11 години ја влечел Македонија назад, со масовен криминал, корупција, партизација, медиумски притисоци и изолација. Но, според СДСМ, денес, по две години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, земјата повторно се наоѓа на исто место.
„Повторно сме на пат кон изолација, далеку од ЕУ и САД, граѓаните тешко живеат, стандардот опаѓа, институциите се под партиска контрола, а криминалот и корупцијата цветаат“, стои во соопштението.
Партијата нагласува дека пари нема за поголеми плати, но има за криминални тендери, а се повторуваат и притисоци врз медиуми, јавен линч и политички прогони, како и злоупотреба на полицијата за партиски цели.
„На исто сме со ВМРО, само што денес на местото на Груевски е Христијан Мицкоски“, се вели во соопштението на СДСМ, со повик дека е време власта повторно да се врати во рацете на народот.

