Македонија
Петкова: Власта повторно го злоупотребува европското знаменце во законот за процена на лица со попреченост
Власта го предложи по скратена постапка и со европско знаменце законот за процена на лицата со попреченост. Повторно се врши злоупотреба и повторно бегање од дебата, изјави на прес-конференција, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ангелинка Петкова.
Власта предводена од СДС и ДУИ повторно го покажа своето вистинско лице.
„Вчера, на Комисијата за труд и социјална политика се разгледуваше предлог-законот за систем за процена на лица со попреченост. Ова е потполно нов закон, со кој треба да се регулира оваа проблематика. Но, тука почнуваат проблемите. Целата процедура и идеја за носење ваков важен и нов закон е погрешна и очигледно се води со неискрена намера од страна на власта и мнозинството“, рече Петкова.
Образложи дека овој многу важен и нов закон се предлага без никаква консултација и вклученост на сите засегнати и заинтересирани страни, здруженија и организации во подготовка и носење на овој нов закон. Значи, лицата што најдиректно се засегнати со овој закон власта и мнозинството целосно ги игнорираат. Срамно и неодговорно, рече Петкова.
Пратеничката смета дека станува збор за лошо законско решение, кое нема да ги подобри условите на овие лица, туку, напротив, само дополнително ќе ги збуни, покажува и фактот што овој закон ќе стапи во сила дури 18 месеци од неговото донесување, освен одредбите од третиот дел, кој се однесува на издавање лиценци на лица блиски до оваа власт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Подрачјето на Велес ќе биде зафатено од поројни врнежи, грмежи и засилен ветер
ЦУК информира, според известувањето на УХМР, дека подрачјето на Велес ќе биде зафатено од пообилни поројни врнежи со грмежи и засилен ветер.
Правец на движење на оваа нестабилна маса се предвидув дека е кон исток и североисток, додаваат од ЦУК.
Македонија
Министерството за животна средина отстапи движни ствари на повеќе општини, за потребите на училиштата вклучени во ГЛОБЕ програмата
Владата, на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, донесе одлука со којашто движни ствари во сопственост на министертството, се даваат на трајно на повеќе општини во државата, за потребите на повеќе основни училишта и тоа во Гевгелија, Неготино, Валандово, Битола, Прилеп, Тетово, Куманово, Пробиштип, Ранковце, Велес, како и на училишта во скопските општини: Центар и Карпош.
Целта е спроведување на ГЛОБЕ програмата во Република Северна Македонија, а Министерството за животна средина и просторно планирање, како што е посочено, е носител на активностите на ГЛОБЕ програмата и со владина одлука е задолжено да обезбеди хемикалии и инструменти за вршење на мерењата и да ги пренесе на користење на вклучените училишта во програмата.
Станува збор за движни ствари што ќе им бидат од полза на училиштата во спроведувањето на проектот, а коишто, по пат на јавна набавка ги обезбедило ресорното министерство.
Македонија
Одлука за учество на Армијата во НАТО операцијата „КФОР“ во Косово
Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе Одлука за определување на бројот на кандидати кои се запишуваат на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“- Скопје, во студиската учебна 2024/2025 година, чие образование се финансира од Буџетот на Република Северна Македонија.
Со одлуката е определено, во студиската учебна 2024/2025 година да се запишат 44-ца студенти/питомци како редовни студенти, од кои 25-мина студенти/питомци за потребите на Министерството за одбрана – Армијата на Република Северна Македонија; како и тројца студенти/питомци за потребите на Војската на Црна Гора; шестмина студенти/питомци за потребите на вооружените сили на Босна и Херцеговина; петмина студенти за потребите на управување со кризи и петмина студенти за потребите на заштита и спасување.
Согласно Законот за Воената академија, како што е образложено од ресорното министерство, на Академијата можат да студираат и припадници на вооружените сили на странски држави и странски државјани.
Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе и Одлука за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово.